Ikrame Imane Kouachi
03 Август 2024•Ажурирај: 04 Август 2024
АНКАРА (АА) - Најмалку петмина Палестинци загинаа денес во напад на израелски дрон чија цел беше возило на северниот дел на окупираниот Западен Брег, пренесува Анадолу.
„Дрон на израелската војска утрово таргетираше палестинско возило на патот Зеита-Атил, североисточно од окупираниот град Тулкарм на Западниот Брег, убивајќи петмина Палестинци“, објави палестинската новинска агенција Вафа.
Јагленисаните тела на петте лица се донесени во владината болница во градот Табет Табет, додаде агенцијата, цитирајќи го директорот на болницата.
Една од жртвите е идентификувана како Јајтам Нуридин Блеиди (25) од бегалскиот камп Тулкарм.
По воздушниот напад, израелските окупациски сили упаднаа и го опколија местото на нападот, блокирајќи ги жителите да се приближат, додаде Вафа.
Израелската војска го потврди нападот без да даде дополнителни детали.
Тензиите се зголемени низ окупираниот Западен Брег, вклучувајќи го и Ерусалим, во услови на смртоносната израелска офанзива во Појасот Газа во која од 7 октомври загинаа речиси 39.500 Палестинци.
Меѓународниот суд на правдата минатиот месец ја прогласи повеќедецениската окупација на Палестина од страна на Израел за „нелегална“ и побара евакуација на сите постоечки населби на Западниот Брег и Источен Ерусалим.