Ekipa
12 Јуни 2021•Ажурирај: 13 Јуни 2021
БРИСЕЛ (АА) - Лидерите на НАТО се подготвени да донесат одлуки за осигурување на долгорочната безбедност, изјави челникот на воената Алијанса, јавува Агенција Анадолија (АА).
Лидерите ќе се сретнат во понеделник во Брисел за првпат од 2018 година, а на самитот ќе се отвори ново поглавје во историјата на Алијансата со договорот за „амбициозната идна агенда на НАТО 2030“, изјави Јенс Столтенберг пред новинарите.
Тој истакна дека значаен момент за Алијансата е да се адаптира на предизвиците, како што се „противењето на Русија и Кина на меѓународниот поредок заснован на правила, постојаната закана од тероризмот, софистицираните кибернапади, дисруптивните технологии и климатските промени“.
Столтенберг рече дека треба да се разгледа стратешкиот концепт на Алијансата бидејќи, како што истакна, светот се има променето од неговото усвојување во 2010 година.
Тој, како што истакна, очекува лидерите да му дадат мандат да работи на стратешкиот концепт што ќе биде усвоен во 2022 година.
„Мојата мисија е јасна посветеност од сојузниците за значително намалување на воените мисии и за придонесување на НАТО кон целта за емисиите на јаглерод диоксид“, рече Столтенберг.
Новиот концепт има за цел да се осврне и на предизвиците од зголемувањето на влијанието на Кина што не беше споменато претходно, како и на поагресивната Русија со која НАТО има „една од најниските точки во односите од времето на Студената војна“, истакна Столтенберг.
„На самитот ќе бидат донесени одлуки за употреба на нови оперативни подрачја, киберот и вселената“, истакна челникот на НАТО.
Лидерите на НАТО, исто така, ќе одобрат нова политика за киберодбрана базирана на политичките консултации и военото планирање за одржување на безбедноста на НАТО-системите.
Столтенберг очекува „на самитот да испрати јасна порака дека НАТО е решен да се брани во вселената подеднакво ефикасно како и во секое друго подрачје на копно, море и во воздух“.