ЛОНДОН (АА) - Лидерите на водечките индустијализирани земји во светот се состанаа во Корнвол, југозападна Велика Британија, на самитот на Г7, што оваа година го организира Велика Британија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Тоа е прв самит лице в лице на Г7 од 2019 година и ќе трае три дена.
Британскиот премиер Борис Џонсон се состана со американскиот претседател Џо Бајден, со францускиот претседател Емануел Макрон, германската канцеларка Ангела Меркел, италијанскиот премиер Марио Драги, јапонскиот премиер Јошихиде Суга, канадскиот премиер Џастин Трудо, како и со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет, Шарлс Мишел.
Главното прашање на агендата беше закрепнувањето од пандемијата на Ковид-19, а Џонсон порача „да се научат лекциите“ и од сегашната пандемија и од финансиската криза во 2008 година.
Британскиот премиер истакна дека групата Г7 сега мора да им овозможи на нивните економии да закрепнат.
„Сметам дека имаат потенцијал да се вратат многу силно и има различни причини да се биде оптимист“, рече Џонсон.
„Но, од витално значење е да не ја повториме грешката од последната голема криза, последната голема економска рецесија во 2008 година, кога закрепнувањето не беше рамномерно во сите делови на општеството.“
„Она што мислам дека не е во ред со оваа пандемија, или што има ризик од оставање траен белег, е продлабочување на нееднаквостите.“
„Ние треба да се осигуриме дека додека закрепнуваме, тоа да го изедначиме во нашите општества и да ги изградиме подобри“, додаде Џонсон.
- 1 милијарда дози од вакцините против Ковид-19 наменети за посиромашните земји -
Британскиот премиер додаде дека групата Г7 е обединета во својата визија за почист и позелен свет.
Тој ги повика своите колеги да се фокусираат на „градење позелен, поправеден [свет], и за градење поголема рамноправност - на полово неутрален и, можеби, понежен начин“.
Објавено е дека групата Г7 на самитот ќе се обврзе за снабдување на посиромашните земји со 1 милијарда дози вакцини против Ковид-19, а Велика Британија веќе соопшти дека ќе обезбеди најмалку 100 милиони дози, додека САД ќе обезбедат 500 милиони дози. Целта е до крајот на следната година да се вакцинираат земјите во развој.
Денес, повеќе светски лидери ќе учествуваат, лично, на самитот на Г7 како гости: јужноафриканскиот претседател Сирил Рамафоза, јужнокорејскиот претседател Мун Џае-ин и австралискиот премиер Скот Морисон. Индискиот премиер Нарендра Моди ќе присуствува на самитот преку видеоконференција.
Британскиот премиер ќе се обиде да не дозволи Брегзит да ја засени конференцијата, особено во услови на тензиите во Северна Ирска.
Бајден е силен поддржувач на Договорот „Велики петок“ и е горд на неговото ирско потекло.
Џонсон на маргините на самитот ќе се сретне со Фон дер Лајен и Шарлс Мишел.
- Климатски промени -
Климатската криза е уште една голема тема на агендата на самитот, на кој кралското семејство игра, исто така, клучна улога.
Престолонаследникот принцот Чарлс, денес одржа прием за лидерите на Г7 и челниците на некои од најголемите светски компании на кои ќе се разговараа за соработката за справување со климатската криза.
„Борбата против оваа ужасна пандемија дава кристално јасен пример за обемот и огромната брзина со која светската заедница може да се справи со кризите кога ќе ја комбинираме политичката волја, со деловната генијалност и јавната мобилизација. И ние тоа го правиме за пандемијата. Значи, ние мора да го сториме тоа и за планетата“, рече принцот Чарлс.
Кралицата Елизабета II исто така беше домаќин на Бајден, Џонсон и на другите лидери и нивните партнери на вечера во атракцијата за екопосетители Проектот „Еден“ во Корнвол.
Бајден претходно се има сретнато со кралицата во 1982 година, кога беше 40-годишен сенатор. Бајден е 13. претседател со кој кралицата Елизабета се има состанато.
Утре, на последниот ден од самитот, сер Дејвид Атенбороу, светски познатиот презентер и истражувач на природата, ќе им се обрати на лидерите на групата Г7 преку претходно снимен говор.