Aysu Biçer
27 Јуни 2022•Ажурирај: 28 Јуни 2022
АНКАРА (АА) - Лидерите на Г7 денес ја потврдија својата посветеност за Украина, ветувајќи дека ќе продолжат со финансиска, хуманитарна, воена и дипломатска поддршка сè додека е потребно, јавува Агенција Анадолија (АА).
По дискусиите со украинскиот претседател Владимир Зеленски преку видеолинк, лидерите ја објавија нивната намера да ѝ зададат удар на Москва со повеќе санкции и да преземат други мерки, како повисоки тарифи и ограничување на цената на руската нафта.
„Го повторуваме нашето барање Русија да стави крај на оваа војна по избор, и веднаш безусловно да ги прекине сите непријателства и да ги повлече своите војници и воена опрема од целата територија на Украина во нејзините меѓународно признаени граници“, се вели во заедничката изјава објавена на вториот ден од тековниот самит Г7 во Германија.
Ова е прва средба со физичко присуство на седумте светски водечки економии откако Русија ја започна војната на 24 февруари, а клучната точка на дневниот ред беа кризата за храна и енергија предизвикана од војната.
Лидерите ветија дека ќе ѝ „помогнат на Украина да се одбрани“, велејќи дека тие ќе ја прошират соработката во разузнавањето, делењето информации, поморската безбедност и други области.
Според извештаите, американскиот претседател Џо Бајден се очекува да го објави купувањето на напреден систем за ракетна одбрана земја-воздух за Киев.
„Ќе продолжиме да ја поддржуваме Украина во одбраната на нејзините мрежи од киберинциденти и ќе ја прошириме нашата соработка во полето на енергетската безбедност, безбедноста на нуклеарниот материјал и објектите, прашањата за животната средина и користењето на водата“, се вели во соопштението.
„Г7 ќе ги прошири целните санкции за дополнително да го ограничи пристапот на Русија до индустриските инпути, услуги и технологии произведени од западните економии, особено оние кои ја поддржуваат руската индустриска база и технолошкиот сектор за вооружување“, се додава.
Во посебна изјава на Белата куќа се вели дека САД ќе ги зголемат тарифите на повеќе од 570 групи руски производи во вредност од приближно 2,3 милијарди долари.
Во врска со глобалната криза со храната предизвикана од војната, Г7 ја притисна Русија „да ги прекине, без услови своите напади врз земјоделската и транспортната инфраструктура и да овозможи слободен премин на земјоделскиот превоз од украинските пристаништа во Црното Море.
- Помош и обнова -
Г7 обезбеди и вети „повеќе од 2,8 милијарди долари хуманитарна помош досега во 2022 година“, според соопштението.
Лидерите рекоа дека ќе „продолжат да обезбедуваат значителна и постојана хуманитарна поддршка за погодените од руската војна“.
За напорите за обнова на Украина погодена од војната, тие ја поздравија „иницијативата на Претседателството (Г7) да свика со Украина меѓународна конференција на експерти на високо ниво, за да постигне напредок во сеопфатниот план за обнова“.
„Ние сме подготвени да го поддржиме меѓународниот план за обнова, изготвен и спроведен од Украина во блиска соработка со билатералните и мултилатералните партнери“, се вели во соопштението.
Лидерите нагласија дека водечките светски економски сили ќе „наметнат сериозни трошоци врз Русија и оние кои се соучесници во нејзината агресија“.