Jeyhun Aliyev
10 Мај 2020•Ажурирај: 10 Мај 2020
ТРИПОЛИ (АА) - Нападите на силите на одметнатиот командант Калифа Хафтар не ѝ оставија на либиската Влада никаков друг избор освен да одговори, се вели во соопштението на прес-службата на либискиот премиер Фајез ал Сараџ, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Премиерот Ал Сараџ упати критики до меѓународната заедница поради молкот за нападите.
„Безумните напади извршени од воениот злосторник Хафтар врз главниот град Триполи деновиве се знак дека е очаен како резултат на неговите последователни порази и поради тоа што се ближи до крајот на неговиот крвав проект, кој го спроведе со цел да ја преземе администрацијата. Ужасните злосторства извршени од Хафтар не ни оставаат друг избор освен да одговориме со железни канџи преку користење на сите наши средства“, рече Ал Сараџ.
Хафтар, водачот на илегалните вооружени сили во источна Либија, ги интензивираше нападите врз цивилите од почетокот на мај, поради тешките загуби врз неговите милитанти нанесени од страна на владините сили.
Владата во Триполи е под напад на силите на Хафтар од април 2019 година. Таа ја започна операцијата „Бура на мирот“ на 26 март за да ги сузбие нападите врз главниот град.
По соборувањето и убивањето на Моамер Гадафи во 2011 година, либиската Влада беше формирана во 2015 година како дел од политичкиот договор постигнат со посредство на ОН.
- Либиската Армија со операции врз милитантите на Хафтар -
Портпаролот на операцијата „Буркан ал Гадаб“ (Вулкан на гневот), Мустафа ал Маџаи, за АА изјави дека Армијата спроведува операции против милицијата на Хафтар во јужниот дел на Триполи.
Тој истакна дека судирите продолжуваат откако Армијата ги нападнала милитантите на Хафтар стационирани во регионот Салахадин, во јужниот дел на Триполи.
„Армијата ги нападна позициите на милитантите од каде што се изведуваат ракетни напади врз населбите во Триполи во текот на денот“, рече тој, а возило со два ракетни лансера „Град“ на милицијата на Хафтар е уништено во кампот „Јармук', на југот на градот.
Во меѓувреме, очевидците велат дека има интензивни судири во регионите Абу Салим и Ал Хадба јужно од главниот град, од каде што се слушаат силни експлозии.
„Најмалку шест цивили загинаа во ракетните напади на милицијата на Хафтар на Меѓународниот аеродром „Митига“ во Триполи“, соопшти Владата вчера.
- Повик на либискиот Парламент до СБОН за итно заседавање -
Либискиот Парламент го повика Советот за безбедност на Обединетите нации (СБОН) итно да заседава поради прекин на нападите на милициите на Хафтар.
Пратениците побараа ОН и СБОН да донесат одлуки за заштита на цивилите од нападите, и рекоа дека Советот треба да ја исполни својата одговорност за заштита на цивилите.
Парламентот ги обвини Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) за поддршка на Хафтар, како и дека ОАЕ не се грижат за Либијците кои страдаат.
Милициите на Хафтар се поддржани од Франција, Русија, Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) и Египет.