Elena Teslova
16 Јуни 2020•Ажурирај: 18 Јуни 2020
МОСКВА
Анкара, Москва и Техеран се согласија да одржат видеоконференција и директна средба за сирискиот договор, изјави денес рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, јавува Агенција Анадолија (АА).
Претседателите на трите земји на видеоконференцијата ќе дискутираат во врска со прашањата за Сирија, а потоа ќе одржат самит во Техеран, изјави Лавров на прес-конференцијата по состанокот со неговиот ирански колега Мухамед Џавад Зариф.
„Денес го потврдивме договорот на тројцата претседатели на земјите со форматот од Астана дека самитот ќе се одржи во Техеран во рок што ќе биде утврден со оглед на состојбата што се развива заради коронавирусот. Го поддржавме предлогот да се одржи видео конференција пред директниот состанок на тројцата лидери. Ние ќе се договориме за условите на видеоконференција доста брзо, а потоа ќе ги објавиме деталите", рече министерот.
Според Лавров, видео конференцијата може да се случи пред собирот на сирискиот уставен комитет.
Нинистерот за надворешни работи на Иран Зариф изјави дека се надева оти видеоконференцијата ќе се одржи во август.
- Иран ги поддржува напорите на Русија и Турција во Либија
Запрашан за ставот на Иран за ситуацијата во Либија, Мохамед Џавад Зариф рече дека Техеран ги поддржува руските и турските напори во земјата со цел да се стави крај на конфликтот.
„Ние ги поддржуваме напорите што Русија и Турција ги прават за да се стави крај на конфликтот во Либија и се надеваме дека легитимната влада во Либија ќе може да донесе смиреност кај луѓето во Либија“, рече тој.
Од своја страна, Лавров рече дека пристапот на Русија кон сирискиот конфликт може да се примени и во Либија, бидејќи нејзината главна карактеристика е да ги натера конфликтните страни да одржат разговори и да обезбедат неопходни услови за да можат да најдат заедничка основа.
„Единствената работа е да ги убедиме либиските партии дека треба да седнат на маса и да започнат преговори. Во моментов работиме на тоа“, рече тој.
Либија е средиште на длабока политичка и безбедносна криза уште од 2011 година кога од власта беше соборен и убиен Муамер ал Гадафи. Владата на национално единство на Либија со седиште во Триполи има поддршка од ОН и меѓународните заедници, додека Хафтар од Тобрук ги предводи нелегитимните сили кои главно се поддржани од Египет и Обединетите Арапски Емирати.