свет

Лавров: „Решението за Сирија ќе се заснова на Договорот со Турција од 1998 година“

„Моменталната ситуација источно од Еуфрат е резултат на акциите на САД во регионот“, рече Лавров, нагласувајќи дека Вашингтон сакал да ја подели Сирија и да создаде квазидржава

Elena Teslova  | 19.02.2019 - Обновена : 20.02.2019
Лавров: „Решението за Сирија ќе се заснова на Договорот со Турција од 1998 година“

Moskva

МОСКВА (АА) - Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, денеска изјави дека Русија, Турција и Иран се согласиле да пронајдат решение за проблемите во Северна Сирија, кое би било засновано на Договорот склучен во Адана во 1998 година, јавува Anadolu Agency (AA).

„На неодамнешниот Самит во Сочи беше постигнат договор за решавање на овој проблем врз основа на Договорот потпишан во Адана“, изјави Лавров на прес-конференцијата во Москва.

„Постојат терористички закани на границата меѓу Сирија и Турција. Тие постојат долго време“, додаде тој.

Лавров нагласи дека деталите од Спогодбата во Сочи ќе бидат дефинирани во консултациите меѓу руските, турските и сириските војски.

Договорот склучен во Адана меѓу Анкара и Дамаск во 1998 година, беше со цел елиминирање на овие закани и затоа им овозможува на турските сили да спроведуваат операции во Сирија, во близина на турската граница.

За планот за воспоставување безбедносна зона без терористички акти во Северна Сирија, долж турската граница, Лавров изјави: „Мислам дека на САД им недостасува перспектива кога велат дека ќе одлучат да имплементираат безбедност во тампон-зоната.“

„Моменталната ситуација источно од Еуфрат е резултат на акциите на САД во регионот“, додаде тој, нагласувајќи дека Вашингтон сакал да ја подели Сирија и да создаде квазидржава.

„Тие веќе активно инвестираат во тоа и дури ги форсираат нивните сојузници да платат за реконструкцијата во овој дел на Сириската Арапска Република“, изјави тој.

Во 1998 година Сирија и Турција потпишаа договор во турскиот јужен град Адана, со цел намалување на загриженоста на Анкара во врска со терористичката организација ПКК.

Терористичките кампови за обука во Сирија беа затворени и на терористичките елементи им беа одбиени услугите од страна на сириските банки.

Турција и Сирија исто така работат во тандем за да ги расчистат мините од граничните области, овозможувајќи подрачјето да се користи за земјоделски цели.

Турските официјални претставници постојано велат дека граничната операција против ЈПГ/ПКК источно од Еуфрат, ќе биде започната наскоро.

Припадниците на ПКК, која е прогласена за терористичка организација во Турција, САД и ЕУ, во текот на периодот подолг од 30 години, одговорни се за смртта на речиси 40.000 луѓе. ЈПГ/ПЈД е нејзиниот сириски огранок.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.