Балкан

Средба Вучиќ - Си во Белград: Соработката меѓу Србија и Кина на највисоко ниво

„Никој не може да го прекине челичното пријателство меѓу Кина и Србија. Ние сме лојални луѓе, а вам сме ви благодарни што секогаш стоевте покрај Србија кога ѝ беше тешко.“

Alma Dekovic  | 08.05.2024 - Обновена : 09.05.2024
Средба Вучиќ - Си во Белград: Соработката меѓу Србија и Кина на највисоко ниво Фото: Amir Hamzagic/AA

БЕЛГРАД (АА) - Претседателот на Србија Александар Вучиќ и претседателот на Народна Република Кина Си Ѓинпинг денеска во Белград потпишаа Заедничка изјава на двете земји за продлабочување и подигнување на сеопфатното стратегиско партнерство и градење на заедница на Србија и Кина со заедничка иднина во новата ера, јавува Анадолу.

По состанокот, Вучиќ изрази благодарност до кинескиот претседател Си Ѓинпинг за поддршката што таа земја ја дава на територијалниот интегритет и суверенитет на Србија, и рече дека неговата земја го поддржува принципот „една Кина“.

Истакна дека во 2021, 2022 и 2023 година Кина била најголемиот инвеститор во Србија и дека извозот во Народна Република Кина е зголемен за 140 пати во последните десет години.

„Нашата трговска размена, директната трговија меѓу нашите земји во последните десет години, е зголемена дури осум пати. Инвестициите во Република Србија во претходните десет години се зголемени за 30 пати од Народна Република Кина“, рече Вучиќ.

Тој додаде дека Србија и Кина преминуваат од стратегиски односи, на кои успеале да ги подигнат билатералните односи на двете земји, во заедница со заедничка иднина во новата ера.

„Тоа е највисокиот облик на соработка меѓу двете земји и горд сум што денеска како претседател на Република Србија можев да потпишам ваква изјава со претседателот Си“, рече Вучиќ.

На свеченоста во Палатата Србија разменети се 28 документи за соработка. Вучиќ рече дека Договорот за слободна трговија со Народна Република Кина ѝ гарантира на Србија пласман на стоки и услуги.

„И во наредните пет до десет години речиси 95 отсто од производите што ќе ги произведуваме во нашата земја ќе можеме да ги извеземе во Народна Република Кина без никакви тарифи, без никакви давачки“, рече Вучиќ.

Додаде дека упатил молба до претседателот на Кина во Србија да се отвори производствен погон за производство на возови, по што Кина е многу позната. Тој исто така додаде дека Србија преговара со кинеска компанија за летечки такси што сакаат да ги воспостават до 2027 година.

„Во сите области од општественото живеење гледаме можност за огромен напредок – од областа на културата и спортот, до нашите финансии, натамошниот севкупен напредок“, рече Вучиќ и додаде:

„Никој не може да го прекине челичното пријателство меѓу Кина и Србија. Ние сме лојални луѓе, а вам сме ви благодарни што секогаш стоевте покрај Србија кога ѝ беше тешко. И Србија ќе биде покрај Кина кога на Народна Република Кина ќе ѝ биде тешко.“

Претседателот на Кина, Си Ѓинпинг, рече дека е почестен и импресиониран од величествениот пречек во Белград, од гостопримството и пријателството на српскиот народ, што потврдува дека односите меѓу двете земји се на високо ниво и дека меѓу двата народа постои искрено и челично пријателство.

„Во Кина велиме дека планините не можат да се сретнат, но луѓето можат. Во Кина велиме дека големите географски растојанија не можат да ги раздвојат луѓето кога постојат взаемни афинитети“, порача кинескиот претседател.

Си рече дека Србија е посветена на независноста и го бранела својот суверенитет, територијален интегритет и национално достоинство и дека земјата заслужува почит од меѓународната заедница.

„Челичното пријателство меѓу нашите земји само се зајакна, дури и во оваа променлива меѓународна динамика. Ова пријателство е вкоренето во историјата и навистина ужива силни политички темели, заеднички интереси и цврста поддршка од народот“, рече Си.

На крајот порача дека Кина сака да работи со Србија и да продолжи во духот на „челичното пријателство“.

„Ќе работиме заедно со Србија да ги одбраниме нашите фундаментални и долготрајни, долгорочни интереси. И кога станува збор за различни меѓународни случувања, сакаме да ја изградиме таа заедница со заедничка иднина во новата ера и ова е дел од нашите напори да придонесеме за заедницата за заедничка иднина на целото човештво“, заклучи кинескиот претседател.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.