Burç Eruygur
05 Декември 2022•Ажурирај: 06 Декември 2022
ИСТАНБУЛ (АА) - Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, денес изјави дека линијата на воена конфронтација на Соединетите Американски Држави (САД) и НАТО со Русија, со намера да ја запрат Москва, наметнува ризик од „директен судир на нуклеарните сили со катастрофални последици“, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Во контекст на напорите на Западот да ја запре Русија, линијата на САД и НАТО како целина за вистинска воена конфронтација со нас претставува сериозна закана. Очигледно, ова би довело со директен судир на нуклеарните сили со катастрофални последици“, порача Лавров во своето видеообраќање на Конференцијата за непролиферација во Москва.
Лавров понатаму истакна дека Западот „злонамерно ги извртува“ руските предупредувања по ова прашање и ја обвинува Москва за употреба на „заканувачка реторика“.
„Користејќи ја оваа можност би сакал да потврдам дека руската страна е цврсто посветена на логиката на разбирање запишана во заедничките документи на петте нуклеарни земји“, рече Лавров.
Тој исто така го изрази жалењето на Русија дека стратешкиот дијалог меѓу Русија и САД е држен од Вашингтон во „замрзната состојба“ и дека отсуството на преговори за одржување на стабилноста ќе ги акумулира постојните проблеми.
„Поради непостоењето волја кај САД за преземање практични конструктивни чекори во врска со Северна Кореја, нема напредок во решавањето на ситуацијата околу Корејскиот Полуостров“, рече рускиот министер.
Тој исто така додаде дека обидите на НАТО да ја „реформатира“ Организацијата за забрана на хемиско оружје наметнуваат сериозна загриженост.