Aliia Raimbekova
16 Март 2018•Ажурирај: 17 Март 2018
АСТАНА (АА) - Министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров, по завршениот деветти круг на преговори за кризата во Сирија, кој беше одржан во Астана, порача дека во Сирија се неприфатливи заканите на САД, јавува Anadolu Agency (AA).
Во Астана е завршен состанокот на министрите за надворешни работи на Русија, Турција и Иран, поточно деветтиот круг на преговори за кризата во Сирија. По состанокот е одржана и заедничка прес-конференција.
Рускиот министер, Сергеј Лавров изјави дека постојат сили кои не го поддржуваат територијалниот интегритет на Сирија, сакаат да ја поделат или вовлечат земјата во хаос и кои следат геополитички цели.
Тој укажа на зголемување на напнатоста во сириските региони Источна Гута, Јермук, Фуа, Куфејра, Рака, Идлиб и Хама, и порача дека заедничките напори на Русија, Турција и Иран посебно добиле на значење.
Лавров изјави дека одредени западни актери сакаат да штитат одредени групи поради провокации, и порача дека е неприфатливо да се користи било каква сила против Дамаск, користејќи притоа одредени неосновани тврдења.
„САД минатата година користеа сила повикувајќи се на неосновани тврдења за користењето на хемиско оружје. Денес исто така се закануваат на сличен начин. Тоа е неприфатливо. Од Источна Гута до сега се изнесени 12.000 цивили а пратени 140 тони хуманитарна помош“, изјави Лавров.
Министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, изјави дека состојбата на терен во Сирија е подобра во однос на претходните години.
„Но, случувањата во Источна Гута се загрижувачки. Денес разговаравме за тоа како да воспоставиме примирје, односно како да ги раздвојуваме терористите од невините цили и умерените сили. Веруваме дека со искрени и заеднички напори ќе пронајдеме политичко решение во Сирија “, изјави Чавушоглу.
Иранскиот министер за надворешни работи, Џавад Зариф, изјави дека сирискиот режим и сојузниците оствариле голем напредок во борбата против Фронтот Нусра, Ал Каеда и другите поврзани групи.
„Благодарение на Астана, луѓето започнаа да се враќаат на сириската територија“, изјави Зариф, и додаде дека смета оти процесот во Астана е единствен правилен чекор кога станува збор за запирање на војната во Сирија.