Şenhan Bolelli
01 Октомври 2021•Ажурирај: 03 Октомври 2021
ЛА ПАЛМА (АА) - Лавата на вулканот Кумбре Вијеха на островот Ла Палма, дел од групата Канарски Острови во југозападна Шпанија, кој е активен од 19 септември, за два дена во морето формира платформа од над 500 метри, јавува Агенција Анадолија (АА).
Лавата што стигна до Атлантскиот Океан во Ла Палма ноќта на 28 септември, започна да формира платформа во морето, кое е со голема длабочина на неколку метри од брегот.
Со продолжувањето на излевањето на лавата од Кумбре Вијеха, се забележува дека се проширила и делтата што лавата ја формира во морето, а исто така, може да се почувствува дека е проширено и поголемо количество на гас.
Експертите од Институтот за вулканологија на Канарските Острови и Шпанскиот институт за рудници и геологија, кои ги продолжуваат своите истражувања околу вулканот, предупредија дека се зголемува загадувањето на воздухот во регионот поради зголемувањето на емисиите на гасови.

Во информациите споделени со медиумите се наведува дека пепелта и гасот што ги исфрла вулканот достигнале височина од 3.500 метри во последните часови, а дневната емисија на сулфур диоксид изнесува 10.757 тони.
Покрај тоа, во текот на денот, се наталожиле големи количини пепел во населените места околу вулканот во Ла Палма, иако персоналот за чистење и дуќанџиите често ја чистат пепелта.
Од друга страна, според податоците на системот за набљудување на земјината површина на Европската вселенска агенција „Коперникус“, лавата од вулканот зафатила повеќе од 450 хектари во изминатите 12 дена, приближно 24 километри пат и уништила 980 објекти, од кои околу 750 биле куќи.
Претставниците на власта соопштија дека лавата сѐ уште им се заканува на 1.200 куќи во регионот, од каде што се евакуирани 6.200 луѓе.
Во исто време, додека заедно со вулканската ерупција продолжуваат земјотресите во подрачјето, вчера се почувствувани 18 потреси со мал интензитет.
Вулканот Кумбре Вијеха кој е првиот вулкан на Ла Палма што се реактивира по 50 години, се очекува да остане активен барем уште неколку недели.
Експертите нагласуваат дека не е можно да се предвидат активностите на вулканот и дека сѐ уште не може да се зборува за стабилна ситуација на островот.