Sorwar Alam
12 Јуни 2018•Ажурирај: 12 Јуни 2018
ЕРБИЛ (АА) - Курдската регионална управа на северниот дел на Ирак во изминатите осум месеци им предаде на органите на ирачката Влада во Багдад вкупно 853 осомничени припадници на терористичката организација ДЕАШ, јавува Anadolu Agency (AA).
Официјалниот претставник во Регионалната управа во Ербил, Диндар Зебари, денес соопшти дека сите лица што се предадени на ирачките органи се уапсени поради сомнеж дека биле активни членови на ДЕАШ.
Ирачките органи во Багдад ќе ги процесуираат осомничените терористи, а и во судот во Мосул ќе бидат продолжени веќе започнатите процеси против нив.
Негирајќи ги наводите на некои кругови дека во северниот дел на Ирак се наоѓаат тајни извори и логори за терористите на ДЕАШ, Зебари изјави дека регионалните власти моментално најмногу напори вложуваат во решавањето на проблемите на протераните и раселени цивили.
„Регионалната управа очекува помош од меѓународните хуманитарни организации во решавање на проблемите на раселените лица во северниот дел на Ирак“, изјави Зебари и додаде дека 2,1 милион лица во тој регион имаат статус на раселено лице.
Мосул и другите градови во северниот дел на Ирак од летото 2014 година беа под окупација на терористичката организација ДЕАШ. Регионот е ослободен минатата година во операција на здружените ирачки сили, вклучувајќи ги и курдските сили Пешмерги.
„Во борбите со терористите на ДЕАШ во северниот дел на Ирак загинаа вкупно 1.814 борци Пешмерги, а речиси 11.000 се ранети“, изјави Зебари и додаде дека 44 борци Пешмерги се и понатаму во заробеништво.