Ekipa
17 Февруари 2025•Ажурирај: 21 Февруари 2025
ПОЈАС ГАЗА (АА) - Тешка криза со купиштата ѓубре во Појасот Газа, несобраниот отпад се натрупува по улиците и во станбените подрачја поради колапсот на општинските служби како резултат на израелската блокада, јавува Анадолу.
Уништувањето на инфраструктурата во тековните израелски напади оневозможи да функционираат санитарните системи, создавајќи опасни животни услови за жителите.
Портпаролот на Општина Газа, Хусни Махна, предупреди дека градот се соочува со „здравствена и еколошка катастрофа“ додека општината се бори да го транспортира отпадот до главната депонија во Џур ал-Дик.
За време на војната израелските сили уништиле 133 камиони за собирање отпад, што е 80 отсто од возниот парк на градот, поради што властите се беспомошни во чистењето на улиците, рече тој.
Израел, исто така, ги блокираше општинските работници да пристапат до депонијата, а кризата се влоши и со враќањето на раселените жители, дополнително зголемувајќи го нивото на отпад.
Големите депонии во централна Газа, како што се депонијата Фарас и транспортната станица Јармук, се места опасни за појава на болести, вклучително и колера и тифус.
Општината ги повика меѓународните организации и медијаторите за прекин на огнот да извршат притисок врз Израел да дозволи влез на нови возила за собирање отпад и да им овозможи на работниците пристап до депониите.
„Самот тогаш работниците ќе можат да го пренесат акумулираниот отпад од централна Газа до одредени области и да ја ублажат тековната еколошка и здравствена криза предизвикана од ова натрупување на отпадот“, објасни портпаролот.
Договорот за прекин на огнот е на сила во Газа од 19 јануари, со што се запре геноцидната војна во Израел, во која убиени се над 48.200 Палестинци, повеќето жени и деца, а енклавата е оставена во урнатини.
Израел ја претвори Газа во најголем затвор на отворено во светот, одржувајќи 18-годишна блокада и принудувајќи речиси 2 милиона од своите 2,3 милиони жители на раселување поради големиот недостиг на храна, вода и лекови предизвикан од намерната блокада.