Muhammed Sabry
31 Октомври 2023•Ажурирај: 01 Ноември 2023
КУВАЈТ (АА) - Израелската војска со нападите врз Појасот Газа го крши меѓународното право, рече денес кувајтскиот престолонаследник Наваф ал Ахмед ал Џабер ал Сабах, пренесува Анадолу.
Обраќајќи се пред кувајтскиот Парламент, Ал Сабах рече дека со бомбардирањето на Газа, Израел ги „крши сите хуманитарни закони и меѓународни конвенции“.
„Најважно за светот е да изнајде начин да се спроведе итен прекин на огнот и да се зголеми помошта за Појасот Газа“, додаде Ал Сабах.
Бројката на убиени Палестинци од израелските напади во Појасот Газа е зголемена на 8.525, соопшти денес портпаролот на Министерството за здравство во блокираната палестинска енклава.
„Меѓу жртвите 3.542 се деца, 2.187 се жени, а 21.543 се повредени“, информираше Ашраф ал-Кудра, портпаролот на палестинското Министерство за здравство, на конференцијата за новинари во Газа.
Ал-Кудра информираше дека Министерството примило извештај за 2.000 луѓе кои сѐ уште се наоѓаат затрупани под урнатините, вклучувајќи 1.100 деца.
Повеќе од 1.538 Израелци загинаа во нападите на Хамас.
Израелската војска по неочекуваниот напад од страна на Хамас на 7 октомври ја започна операцијата „Железни мечеви“ кон позициите на Хамас во Појасот Газа. Оваа операција доби димензии на неселективно бомбардирање на цивилни населби, станбени објекти, џамии, цркви, но и на болници.