Beyza Binnur Dönmez
25 Ноември 2020•Ажурирај: 25 Ноември 2020
АНКАРА (АА) - По повод четвртата годишнина од смртта на Фидел Кастро, во Куба со низа комеморации е оддадена почест на револуционерниот лидер кој на чело на земјата беше речиси половина век, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Фидел Кастро стана херој на угнетуваните народи во светот, предводејќи со исклучителниот интернационализам и солидарноста на Куба“, изјави за АА амбасадорот на Куба во Анкара, Луис Алберто Амарос Нунез.
Амарос рече дека на Фидел Кастро се сеќаваат сите луѓе кои го почитуваат неговиот лик и дело.
„Сите народи во светот кои сакаат мир и правда денес се потсетуваат на идеите на Фидел. Сите кои форсираат и шират солидарност за да се спречи Ковид-19, наместо да се однесуваат со егоизам и суровост, се следбеници на Фидел. Сите кои се спротивставуваат на експлоатацијата и на хегемонистичките злоупотреби на империјализмот се следбеници на Фидел. Сите кои се борат за подобар свет размислуваат за Фидел“, изјави амбасадорот Амарос.
Куба во екот на пандемијата на Ковид-19 во повеќе земји низ светот испрати 3.700 лекари и медицински сестри за да помогне во борбата против коронавирусот, а амбасадорот Амарос рече дека тој потег е во согласност со изјавата која Фидел Кастро ја даде во 2003 година кога кажа дека Куба во светот може да испраќа лекари, а не бомби и паметно оружје.