Hasan Esen
17 Ноември 2021•Ажурирај: 18 Ноември 2021
ЛОНДОН (АА) – Крикет играчот Азем Рафик изјави дека бил подложен на расистички напади за време на неговиот престој во крикет клубот „Јоркшир каунти“, во Велика Британија, и дека клубот не презел ништо во врска со тоа, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Рафик говореше на седницата на Комитетот за дигитална култура, медиуми и спорт на Долниот дом. Раскажувајќи за своите искуства во клубот, 30-годишниот Рафик се расплака додека зборуваше за „нехуманото“ однесување во врска со неговиот мртвороден син.
Крикет играчот Рафик истакна дека на почетокот на неговата кариера, кога бил во соблекувалната заедно со играчите Мајкл Воган и Метју Хогард, кои ги сметал за свои „херои“, нему и на другите Азијци им се обраќале со зборовите: „Вие ќе седите таму покрај тоалетите“, „Чистачи на слонови“.
Истакнувајќи дека никој не се спротивставувал на овие зборови, Рафик рече дека го именувале со „Кевин“, име што се користи за навреда за тие што не се со бел тен, па дури во еден период бил принуден да пие вино.
Тој рече дека понекогаш се чувствува изолиран и понижен во клубот, Рафик раскажа дека првиот ден по смртта на неговото дете бил „распарчен“ (со зборови) од тренерот Мартин Моксон.
„Првиот ден откако го изгубив синот, Мартин Моксон буквално ме стави во соба и ме распарчи [со неговите зборови]. Никогаш го немам видено во клубот да разговара со некого на тој начин. Некои челници на клубот беа немилосрдни. Еден ден кога бев на тренинг, добив телефонски повик дека срцето на моето дете не чука. Кога слушнаа за тоа, не покажаа никаква загриженост. Го однесов син ми од болница во гроб. Односот кон мене не беше коректен.“
Седницата беше прекината извесно време, бидејќи Рафик плачеше и не можеше да продолжи да зборува.
Неговиот поранешен соиграч Гери Баланс на друг играч му се обратил со зборовите: „Зошто зборуваш со него? Знаеш дека е Паки (расистички израз за луѓето од пакистанско потекло). Ова се случи пред моите соиграчи. Се случи пред тренерите“, изјави Рафик.
Тој додаде дека неговото искуство го чинело многу во неговата кариера и дека менталното здравје му се влошило.
Крикет играчот за првпат за расизам го обвини клубот во септември минатата година, а веднаш потоа клубот иницира истрага.
Сепак, начинот на кој клубот постапува по ова прашање беше критикуван. Во извештајот се наведува дека „нема сомнеж“ дека Рафик бил подложен на расно вознемирување и малтретирање.
Покрај тоа, не е преземена дисциплинска постапка против никого, а за изразот „Паки“ се наведува дека е „пријателска шега“.