Burç Eruygur
14 Март 2024•Ажурирај: 17 Март 2024
ИСТАНБУЛ (АА) - Коментирајќи ги вчерашните изјави на литванскиот претседател Гитанас Наузеда во француската престолнина Париз, Кремљ денес порача дека „нема потреба за страв“ од рускиот претседател Владимир Путин, јавува Анадолу.
„Путин мора да се почитува и да се слуша“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, за време на брифингот со новинарите во Москва.
Изјавите на Песков дојдоа по коментарите на Наузеда за нападот врз Леонид Волков, помошник на починатиот руски опозиционер Алексеј Навални, во литванската престолнина Вилнус во вторникот вечерта.
„Можам да му кажам само едно на Путин - никој не се плаши од тебе овде“, им рече Наузеда на новинарите во Париз во текот на работната посета на Франција.
Песков се воздржа од коментар за инцидентот во врска со Волков, истакнувајќи дека „зборуваат за инцидент што се случил во Литванија“.
„Не можеме на кој било начин да коментираме што се случува со луѓето во Литванија; мора да контактираме со литванското Министерство за внатрешни работи и полицијата“, додаде Песков.
- „САД не сакаат да слушнат“ -
Песков се осврна и на реакцијата на САД на интервјуто на Путин за државната телевизија Росија-1, велејќи дека има „намерно искривување на контекстот“ и „неподготвеност да се слушне“ што всушност кажа Путин.
„Ова е намерно искривување на контекстот и неподготвеност да се слуша претседателот Путин. Повторно, нема ништо ново во ова. Ова е нешто што го набљудуваме многу концентрирано долго време, особено во последните две години“, рече Песков.
Тој негираше дека интервјуто на Путин предизвикало хистерија во САД, велејќи дека тоа е „намерно извадено од контекст“.
„Во ова интервју Путин не упатува никакви закани за употреба на нуклеарно оружје... Претседателот зборуваше за причините што би можеле да ја направат неизбежна употребата на нуклеарно оружје“, изјави Песков.
Вчера Путин изјави дека Русија е подготвена за нуклеарна војна од „воено-техничка“ гледна точка и дека не отфрла тестирање на нуклеарно оружје во случај кога САД извршиле такви тестови.
Портпаролката на Белата куќа, Карин Жан-Пјер, за новинарите изјави дека претседателот Џо Бајден е запознаен со изјавите на Путин и дека нуклеарната реторика на Москва била „непромислена и неодговорна“ во текот на руско-украинската војна.
Песков, исто така, рече дека Арктикот бил и продолжува да биде територија на „прилично интензивна конфронтација“ меѓу различни сили.