19 Јануари 2022•Ажурирај: 20 Јануари 2022
САНА (АА) - Командантот на проиранското бунтовничко движење на Хусите во Јемен е убиен во воздушните напади кои просаудиската коалиција ги изврши во главниот јеменски град Сана, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Новинската агенција „Саба“, предводена од Хусите, објави дека бригадниот генерал Абдула Касем ал Џунаид, началникот на Воздухопловната академија, и неговото семејство биле убиени доцна синоќа во напад на неговата куќа.
Коалицијата предводена од Саудиска Арабија досега не го коментира случајот.
Високиот комесаријат за човекови права на ОН утринава соопшти дека пет члена на семејството се убиени во нападите на коалицијата и повика на прекин на ескалацијата во Јемен.
Нападите на просаудиската коалиција уследија откако саудиската воздушна одбрана пресретна осум бунтовнички дронови лансирани од Јемен кон Саудиска Арабија.
Во понеделникот три лица беа убиени во напад кој бунтовниците Хуси го извршија со беспилотни летала во Абу Даби, главниот град на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ).