Ekipa
22 Јуни 2016•Ажурирај: 23 Јуни 2016
КОЛУМБУС (АА) - Демократскиот претседателски кандидат Хилари Клинтон изјави дека републиканецот Доналд Трамп не е способен да ја води американската економија, истакнувајќи дека неговата непромислена политика би ги вратила САД во рецесија и би ја зголемила невработеноста, пренесува Anadolu Agency (AA).
Хилари Клинтон на обраќањето во Охајо каде се води тесна трка помеѓу двата кандидати, ги критикуваше работните резултати на Трамп, наведувајќи дека тие се навестување на начинот на кој контроверзниот бизнисмен би ја водел светската економија.
„Секој ден гледаме колку е несовесен и невнимателен Трамп. Тој се гордее со тоа и тоа е негов избор. Освен кога сака да стане наш претседател. Тогаш тоа е наша одлука”, изјави Клинтон.
Клинтон додаде дека планот на Трамп за даноците само ќе им донесе корист на богатите на штета на работничките семејства, а ги критикуваше и неговите резултати како претприемач.
Поранешната американска државна секретарка како пример го наведе бројот на банкроти и тужби против Универзитетот на Трамп.
„Тоа не е нормално однесување. Не можеме да му дозволиме да се коцка со иднината на нашите деца. Не смееме да му дозволиме да вмеша прсти во нашата економија” , нагласи Клинтон со тврдење дека во последните 30 години против веројатниот кандидат се поднесени 3.500 тужби.
На критиките на кандидатката од редот на Демократите реагираше и Трамп кој на социјалната мрежа Твитер на својата ривалка ѝ порача: „Како може Хилари да ја води економијата кога не може дури да прати ни е-маил, а да не ја загрози целата нација?”.
Се очекува дека Трамп во својот говор во Њујорк ќе возврати на критиките на Клинтон, пренесуваат американските медиуми.