АНКАРА (АА) - Лидерот на грчката партија Нова демократија (ND), Киријакос Мицотакис, положи свечена заклетва како нов премиер на земјата, откако победи на предвремените општи избори што се одржаа вчера во Грција, пишува Anadolu Agency (AA).
Освојувајќи 40 отсто од гласовите, со што обезбеди 158 места во грчкиот Парламент, кој брои 300 пратенички места, Нова демократија ја победи владејачката партија Сириза, на премиерот Алексис Ципрас.
Предвремените избори станаа неопходни откако Ципрас побара распуштање на Парламентот по слабите резултати на владејачката партија на изборите за Европската Унија во мај.
Ципрас разочара најголем дел од неговите поддржувачи со наметнувањето повеќе мерки за штедење и дополнителни даноци. Тој на функцијата премиер дојде во 2015 година. Неговиот мандат беше одбележан со економски потешкотии и со потпишувањето на Договорот за името со Република Северна Македонија.
Во 2015 година неговата партија дојде на власт, во период на економски реформи и мерки за штедење, поради што беше принуден да потпише пакет за спас во вредност од 260 милијарди долари од партнерите од еврозоната и од Меѓународниот монетарен фонд.
- Роден во бирократско семејство -
Киријакос Мицотакис (51) е роден во Атина, во бирократско семејство. Тој е син на поранешниот премиер Константин Мицотакис, кој е еден од политичарите кои најдолго беа на својата функција.
Неговата сестра Дора Бакојанис е поранешен министер и прва жена градоначалник на Атина. Киријакос беше зет на Павлос Бакојанис, кој беше убиен од терористичка група во 1989 година.
Сегашниот градоначалник на Атина, Костас Бакојанис, е внук на Мицотакис.
Мицотакис е оженет со Марева Грабовски, која е ко/сопственик на бренд за луксузна облека, и има три деца.
Иако се обиде да се дистанцира од неговата семејна поврзаност со грчката политичка династија, Киријакос е многу критикуван дека овие конекции му го поплочиле патот за негово вклучување во политиката.
Како одговор на тој критицизам тој велеше: „Судете според моето CV, не според моето презиме.“
Дипломира општествени науки на Универзитетот „Харвард“, а со звање магистер се здоби на Универзитетот „Стенфорд“ во областа на меѓународните односи, а има и магистратура за бизнис-администрација на Бизнис-школата на Харвард.
Од странските јазици говори англиски, француски и германски, а пред влегувањето во политиката работел како консултант во компанијата „Меккинзи“ („McKinsey“).
- Политичкиот живот на Мицотакис -
Од 2016 година, Киријакос доаѓа на местото претседател на партијата Нова демократија, која во минатото беше раководена и од неговиот татко.
Во своето обраќање по изборната победа во седиштето на партијата, Мицотакис истакна дека дал ветување за намалување на даноците и создавање нови работни места, нагласувајќи дека тоа ќе се постигне со заедничка работа.
„Познати ми се потешкотиите, но својата сила ја црпам од народот“, истакна тој.
Мицотакис се заложи за намалување на даноците, приватизирање на услугите и создавање работни места.
- Таткото, Константин Мицотакис, и односите со Турција -
Во периодот кога е роден Киријакос Мицотакис, неговиот татко Константин беше уапсен од грчката воена хунта, откако во 1967 година беше прогласен за „персона нон грата“.
Семејството Мицотакис успеа да пребега во Турција со помош на поранешниот турски министер за надворешни работи, Ихсан Сабри Чаглајангил, кога Кирјакос имал само една година.
Тогаш семејството живеело во егзил во Париз сè додека не се појавила можност да се вратат во Грција во 1974 година, по враќањето на демократијата.
Константин Мицотакис, тогаш лидер на опозицијата, остро ја критикуваше Владата на Панхеленското социјалистичко движење (ПАСОК) поради врските на земјата со терористичката организација ПКК.
Кога Константин Мицотакис дојде на власт во 1990 година, се јави надеж дека политиката на Грција за односите со терористичката ПКК ќе се промени, но такво нешто не се случи.
Абдула Оџалан, водачот на терористите на ПКК, беше уапсен под грчка заштита во кенискиот главен град, Најроби, во 1999 година.
Константин водеше политика на дискриминација на Турците во западна Тракија.
„Не постојат грчки Турци во западна Тракија, тие се грчки муслимани“, велеше Константин Мицотакис во 1990 година.
Грција затвори неколку здруженија во западна Тракија поради тоа што го содржеле зборот „турски“ во нивните називи.
Иако Европскиот суд за човекови права пресуди против Грција во врска со овој случај, Атина никогаш не ја имплементира одлуката.
Западна Тракија е регион во Грција, каде што живее муслиманско турско малцинство кое брои околу 150.000 лица.
news_share_descriptionsubscription_contact
