Muhammet Nazım Taşçı
21 Август 2019•Ажурирај: 22 Август 2019
ПЕКИНГ (АА) - Кинеското Министерство за надворешни работи апелираше до администрацијата во Вашингтон да има добри односи со Кина, по изјавата на американскиот претседател, Доналд Трамп, дека некој треба да ѝ се спротивстави на Кина, пренесува Anadolu Agency (AA).
Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Гинг Шуанг, истакна дека трговијата меѓу двете земји е заемно „профитабилна“.
Гинг, исто така, рече дека се надева оти администрацијата на Вашингтон ќе има добра соработка со администрацијата на Пекинг во правец на развојот на односите меѓу САД и Кина и за зајакнување на билатералната соработка.
Трамп во вчерашната изјава за време на посетата на претседателот на Романија во Белата куќа истакна: „Некој требаше да ѝ се спротивстави на Кина. Тоа требаше да биде направено. Тоа го правам јас, единствената разлика е тоа.“
Американскиот претседател во период кога продолжуваат дебатите за „трговските војни“, соопшти дека од 1 септември, за кинеските производи во вредност од над 300 милијарди долари ќе биде воведен дополнителен данок од 10 отсто.
Кина објави дека ќе возврати на ваквата одлука на САД.