Mahmut Atanur
13 Ноември 2016•Ажурирај: 14 Ноември 2016
ПЕКИНГ (АА) - Загаденоста на воздухот во северниот дел на Кина значително го отежнува живтотот на луѓето во тие региони, а надлежните власти прогласија жолт аларм на подготвеност и ги повикуваат граѓаните што помалку време да поминуват на отворено, јавува Anadolu Agency (AA).
Националниот метеоролошки завод на Кина соопшти дека степенот на загаденост на воздухот е значително зголемен во повеќе региони, и дека жолтиот аларм е прогласен за главниот град Пекинг, како и за покраините Тјенцин, Хебеј, Хенан, Шанси и Шандунг.
Метеоролозите предупредуваат дека загаденоста на воздухот и густите облаци од смог во северниот дел на Кина ќе се задржат и денес, а дека утре се очекува ладен бран и постепено подобрување на квалитетот на воздухот.
Локалните власти ги предупредуваат граѓаните што помалку време да поминуваат на отворено, а при излегување да користат маски.
Загаденоста на воздухот во Кина е постојан проблем со години наназад од индустриската експанзија во таа земја, но проблемот е интензивиран во изминатите две години. Големите кинески градови како Пекинг и Шангај се на врвот на листата на најзагадени светски метрополи, а се чини дека тоа е цената која ја плаќаат за брзиот индустриски развој и галопирачка урбанизација.