Fuat Kabakcı
30 Јануари 2020•Ажурирај: 31 Јануари 2020
ПЕКИНГ (АА) - Кина ги зајакнува мерките поради ширењето на новиот вид коронавирус (2019-nCoV), што се појави во кинескиот град Вухан, а кој досега однесе најмалку 170 животи, јавува Агенција Анадолија (АА).
Кинескиот фудбалски сојуз соопшти дека поради ширењето на коронавирусот се одложени сите фудбалски средби на сите нивоа.
„За да соработуваат во спречувањето на ширењето на вирусот 2019-nCoV и за заштита на здравјето на луѓето што се интересираат за фудбал, Кинескиот фудбалски сојуз одлучи од денес да ги одложи сите домашни натпревари“, пишува во соопштението на Кинескиот сојуз.
Средбите од Супер лигата на Кина, според претходно утврдениот распоред, требаше да започнат на 22 февруари.
Кинеското Министерство за финансии соопшти дека за борбата против вирусот е издвоен додаден буџет од 27,3 милијарди јуани (3,94 милијарди долари).
Минатата недела Министерството соопшти дека за таа цел се издвоени 8,74 милијарди долари.
Според извештаите на кинеските медиуми, во последните неколку дена од Меѓународниот аеродром во Пекинг се откажани најмалку 546 летови кон градовите во кои е активен коронавирусот.
Наведено е дека се откажани летовите кон Вухан, Јичанг, Шијангјанг, Гуангџоу, Шијан и други градови.
Здравствената комисија на Пекинг соопшти дека болницата „Шиаотангсан“, која служеше за време на епидемијата на акутниот респираторен тракт (SARS) во 2003 година, може да биде повторно во функција.
Наведено е дека веќе започнало да се работи на обнова на болницата, која е затворена по епидемијата на САРС. Болницата ќе има 1.000 кревети, а се простира на површина на 25.000 квадратни метри.
Коронавирусот се појави кон крајот на минатата година во кинескиот град Вухан, административниот центар на покраината Хубеи.
Националната здравствена комисија на Кина соопшти дека досега е потврдена дијагноза на зараза со вирусот 2019-nCoV кај 7.111 пациенти низ Кина, исклучувајќи го Тибет. Меѓу заболените, 1.370 лица се во критична состојба.
Поради сомнеж дека се заразени од коронавирусот, во Кина под надзор се 81.947 лица што биле во контакт со заразените.