Emre Gürkan Abay
30 Јануари 2020•Ажурирај: 31 Јануари 2020
МОСКВА (АА) - Русија одлучи да ја затвори границата со Кина и да воведе визни ограничувања за кинеските граѓани поради епидемијата од новиот вид коронавирус, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Рускиот премиер Михаил Мишустин на состанокот на Кабинетот, што се одржа во главниот град Москва, ги оцени мерките што треба да се преземат поради новиот вид коронавирус.
Истакнувајќи дека границата на Русија со Кина треба да биде затворена за да не се прошири вирусот, Мишустин нагласи: „Упатството за ова е потпишано денес и активностите започнаа. Владата ќе продолжи да презема дополнителни мерки.“
Руското Министерство за надворешни работи во писмената изјава соопшти дека поради епидемијата привремено е прекината електронската апликација за виза за кинеските државјани.
Во изјавата, исто така, се предупредуваат руските граѓани да не патуваат во Кина, освен во итни случаи.
Некои руски компании претходно ги ограничија летовите кон и од Кина.
- Епидемија од новиот вид коронавирус
Вирусот за прв пат е откриен на 12 декември 2019 година во градот Вухан, во кинеската провинција Хубеи. Здравствената комисија на Општината Вухан на 31 декември 2019 година соопшти дека кај 27 лица што имале контакт со пазарот за морска храна „Хуанан“ е откриена „мистериозна“ болест и дека пазарот е затворен.
Во научните студии за новиот вид коронавирус во земјата се добиени првите резултати дека генетската секвенца на вирусот е предизвикана од кинески видови лилјаци и змии. Поради тоа, трговијата со диви животни во земјата е забранета сè додека не заврши епидемијата.
Новиот вид коронавирус, кој се нарекува и „Вухан вирус“ поради неговото потекло, се рашири и во Франција, Канада, САД, Австралија, Обединетите Арапски Емирати, Финска и Германија, најмногу преку луѓе што патувале од Кина до овие земји.
Утрово е објавено дека поради новиот вид епидемија на коронавирусот, што се рашири во целата земја, бројот на лица што ги загубиле животите се искачи на 170, а бројот на заразени со вирусот изнесува 7.711.