Nuri Aydın
24 Декември 2020•Ажурирај: 25 Декември 2020
ПЕКИНГ (АА) - Заводот за надзор и регулирање на пазарот при Државниот совет на Кина започна истрага против кинескиот гигант за е-трговија „Алибаба“, поради сомнение за монопол, пренесува Агенција Анадолија (AA).
Во соопштението на Заводот се наведува дека е покрената истрага поради сомневања дека оваа компанија во своето работење покажала одредени монополски активности.
Во рамките на истрагата, на сослушување повикани се претставници на „Ант Груп“, која работи во состав на компанијата „Алибаба“.
Оваа одлука на Заводот за надзор и регулирање на пазарот се толкува како обид на Комунистичката партија на Кина да го контролира брзорастечкото технолошко поле, па се очекува партијата уште повеќе да ги интензивира активностите во борбата против монополот во оваа област.
Заводот на 14 декември ги казни „Алибаба“ и „Тенсент холдингс“ по 76.500 долари поради тоа што не побарале дозвола за некои набавки.
Џек Ма, основачот на „Алибаба“, е најбогатиот претприемач во Кина со богатство од 59 милијарди долари.