свет

Кина е против воена интервенција во Венецуела

- Генг: „Ако конкретната хуманитарна помош во Венецуела биде испратена со присила и тоа предизвика судири, мислам дека во тој случај би имале катастрофални последици. Ниту една страна не сака да види такво сценарио“

Fuat Kabakcı  | 22.02.2019 - Обновена : 23.02.2019
Кина е против воена интервенција во Венецуела Foto: Arhiva AA

Peking

ПЕКИНГ (АА) - Министерството за надворешни работи на Кина порача дека е против воена интервенција во Венецуела, но и против сите други активности кои можат да предизвикаат тензии во оваа земја, јавува Anadolu Agency (AA).

Портпаролот на кинеското МНР, Генг Шуангм, на конференцијата за новинари во Пекинг се осврна и на темата за испраќање на хуманитарна помош во Венецуела.

„Ако конкретната хуманитарна помош во Венецуела биде испратена со присила и доколку тоа би предизвикало судири, мислам дека во тој случај би имале катастрофални последици. Ниту една страна не сака да види такво сценарио“, изјави Генг.

Тој нагласи дека Венецуела на секој можен начин настојува да ги сочува мирот и стабилноста во земјата, притоа спречувајќи секое продолжување на судирите и пролевање крв.

„Кина е против воена интервенција кон Венецуела и се противи на сите активности кои можат да предизвикаат тензии во оваа земја“, наведе Генг.

Претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, синоќа изјави дека со цел да го заштити својот народ, ќе ја затвори границата со Бразил и порача дека не е исклучена можноста за потполно затворање на границите со Колумбија.

Откако опозицијата на Венецуела, која е поддржана од САД, најави дека на 23 февруари во земјата ќе влезе конвој на „хуманитарна помош“, во земјата завладеа алармантна состојба.


- Криза во Венецуела

Венецуела е зафатена со протести од 10 јануари, кога претседателот Николас Мадуро ја положи заклетвата за втор мандат, по изборите кои беа бојкотирани од страна на опозицијата.

Тензиите дополнително се зголемија откако опозцискиот лидер и претседател на Парламентот на Венецуела, Хуан Гваидо, на 23 јануари се самопрогласи за вршител на должноста претседател на државата, што беше поддржано од страна на САД и голем број европски и латиноамерикански држави.

Русија, Кина, Турција, Боливија, Мексико и Иран го поддржуваат Мадуро.

Претседателот на САД, Доналд Трамп, имаше изјавено дека една од опциите е „испраќање воени единици во Венецуела“.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.