Riyaz Khaliq Khaliq
24 Март 2022•Ажурирај: 25 Март 2022
ИСТАНБУЛ (АА) - Кина ги повика САД и НАТО да водат дијалог со Русија со цел „решавање на основната причина на кризата во Украина“, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според јавниот кинески медиумски сервис ЦГТН (CGTN), Ванг Венбин, портпаролот на Министерството за надворешни работи на Кина, на прес-конференција изјавил дека САД и НАТО треба да се вклучат во дијалог со Русија за решавање на основната причина за кризата во Украина.
Лидерите на земјите членки на НАТО се состанаа во Брисел каде што дискутираат за нападите на Русија врз Украина кои започнаа на 24 февруари.
„За да се реши кризата, нам ни е потребен рационален и смирувачки став, а не разгорување на пламенот. За продолжување на мирот потребен е дијалог, а не принуда, и за долгорочна стабилност, конфронтацијата предводена од групата нема да биде успешна“, рече Ванг, според весникот „Глобал тајмс“ (Global Times).
Тој рече дека наводите дека Кина шири дезинформации за ситуацијата во Украина „се сами по себе дезинформации“.
„Кина одржува објективен и оправдан став, повикувајќи на прекин на огнот што е можно поскоро и избегнување на хуманитарната криза“, додаде тој.
Вчера генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, тврдеше дека сојузниците на НАТО се загрижени дека Кина ќе обезбеди материјална поддршка за руската војна.
„Лидерите на НАТО, исто така, треба да ја повикаат Белорусија да стави крај на соучесништвото во војната и да ја повикаат Кина да ги исполни своите одговорности како членка на Советот за безбедност на ОН, да се воздржи од поддршка на воените напори на Русија и да се приклучи на остатокот на светот, повикувајќи на итен и мирен крај на војната“, рече Столтенберг.
Војната на Русија врз Украина, која започна на 24 февруари, наиде на меѓународна осуда, а ЕУ, САД и Велика Британија, меѓу другите, воведоа строги финансиски санкции кон Москва.
Најмалку 977 цивили загинаа во текот на војната и 1.594 се повредени, според проценките на ОН.
Според Агенцијата за бегалци на ОН, Украина ја напуштиле 3,6 милиони луѓе кои пребегале во соседните земји.