Ekipa
13 Август 2017•Ажурирај: 14 Август 2017
НАЈРОБИ (АА) - Лидерот на опозицијата во Кенија Раила Одинга го осуди убиствата на демонстрантите кои ги припиша на полицијата, на протестите одржани за време и по изборите во земјата, повикувајќи ги поддржувачите да не одат на своите работни места во понеделник, пренесува Anadolu Agency (АА).
Одинга се обрати пред поддржувачите во Кибера, сиромашен кварт на главниот град Најроби, каде што поддржувачите на опозицијата се судрија со полицијата во текот на изминатите денови. До насилствата дојде откако Одинга изјави дека изборите на 8 август биле наместени. Кениската изборна комисија пак го прогласи претседателот Ухуру Кенијата за победник, и соопшти дека изборите протекле регуларно.
Одинга во обраќањето изјави дека постоела завера за убиство на поддржувачите на опозицијата и додаде дека поддржувачите на опозицијата требале да излезат на протестите, а не да одат на работа во понеделник.
Групите кои се занимаваат со заштита на човековите права во Кенија тврдат дека 24 лица биле убиени во насилствата за време и по изборите одржани во таа земја. Полицијата, од друга страна, ги негира наводите и тврди дека убиени се шестмина криминалци кои предизвикале нереди и ги нападнале полицајците во последните два дена.
Од канцеларијата на претседателот Ухуру Кенијата соопштено е дека протестите биле насилни и незаконски. Речено е дека одржувањето на мирни протести било уставно право кое ќе го штити полицијата.
„Но, за жал, видовме насилни протести, во кои е оштетен имот и човечките животи се доведени во опасност”, изјави портпаролот на кенискиот претседател, Маноа Есипсу. Тој додаде дека насилните протести се незаконски и дека полицијата нема да го толерира нарушувањето на мирот, како и дека ќе ги штити животите и имотот на Кенијците и ќе воспоставува закон и ред.