21 Ноември 2016•Ажурирај: 22 Ноември 2016
КИГАЛИ (АА) - Католичката црква во Руанда се извини поради своето учество во геноцидот во 1994 година во таа африканска земја, јавува Anadolu Agency (AA).
Се извинуваме за сето зло во кое учествуваше црквата, се извинуваме во името на сите христијани. Жал ни е што нашите членови ги прекршија заклетвите и Божјите заповеди“, наведено е во писмото на католичката црква, кое беше прочитано во сите места во Руанда.
Црквата во писмото призна дека нејзините членови планирале, помагале и вршеле геноцид во кој припадниците на племето Хуту убиле повеќе од 800.000 припадници на етничката група Тутси.
Црквата наведе дека многу жртви умирале на рацете на свештениците и чесните сестри, додека Владата на Руанда тврди дека многумина умирале во црквите каде што пронаоѓале засолниште.
Извинувањето на Црквата се смета за позитивен чекор во процесот на примирјето во Руанда.
„Простете ни за сите злосторства од омраза, не покажавме дека сме едно семејство туку дека меѓусебно се убиваме“, се наведува во писмото.
Откако на 6 април 1994 година беше соборен авионот на претседателот на Руанда, Жувенал Хабијаримана, кој беше припадник на племето Хуту, ден подоцна, припадниците на војската на Руанда од редот на тоа племе започнаа 100-дневен масакр над припадниците на заедницата Тутси и на умерените кругови во племето Хуту.
Руанда, како и другите африкански земји, остро ги критикува и Обединетите нации поради пасивната реакција и неспречување на геноцидот.
ОН 7 април го прогласи за Ден на сеќавање на жртвите на геноцидот во Руанда.