Handan Kazancı
21 Ноември 2016•Ажурирај: 22 Ноември 2016
ИСТАНБУЛ (АА) - Шефот на НАТО, Јенс Столтенберг, денес ја поздрави турската демократија за време на состанокот на НАТО во Истанбул, четири месеци по обидот за државен удар што се случи на 15 јули, во кој загинаа 248 лица, а над 2.000 беа повредени, јавува Anadolu Agency (AA).
„Би сакал само да се потсетиме сите на фактот дека се состануваме тука, во Турција, четири месеци по обидот за државен удар“, рече генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, на 62. сесија на Парламентарното собрание на алијансата.
„Ова треба само да биде потсетник за сите нас дека демократијата и слободата не треба да се земаат здраво за готово“, додаде тој.
„Во септември го посетив Големото национално собрание во Анкара, кое беше бомбардирано од тенкови и од авиони Ф16. Ја видов штетата што беше предизвикана и се состанав со членовите од големите политички партии на Парламентот. Тие се упатиле кон Парламентот во ноќта на обидот за државен удар и стоеле заедно во одбрана на нивните демократски институции“, изјави Столтенберг.
„Сакам да ги поздравам денес за нивната храброст и за посветеноста на демократијата“, додаде тој.
Столтенберг, поранешниот премиер на Норвешка, вели дека демократијата, индивидуалната слобода и владеењето на правото се основните вредности на НАТО.
„Важна работа е тоа што ние сите претставуваме различни нации и различни политички партии, а повторно и повторно докажуваме дека сме во можност да стоиме еден до друг во алијансата за колективна одбрана и во волјата да се браниме едни со други“, додаде тој.
„Токму тоа го направивме во Варшава и одлучивме да ја зајакнеме нашата колективна одбрана како одговор на агресивните дејствија на Русија во Украина и текoвното воено опремување на Русија“, додаде тој.
Во јули, лидерите на 28 членки на земјите на НАТО одлучија да ја зајакнат колективната одбрана поради загриженоста во врска со Русија и заканите од страна на недржавните актери.
НАТО се држи заедно како едно
Столтенберг изјави дека НАТО презел потребните чекори: „Ние го зголемуваме нашето одбранбено присуство во источниот дел на алијансата, вклучувајќи го и распоредувањето на мултинационалните четири баталјони на балтичките земји и на Полска“.
„Претходно оваа година, Канада, Германија, Велика Британија и САД се посветија да водат еден од овие баталјони, и сакам да им се заблагодарам на тие нации за нивното водство. Исто така, сакам да ја изразам својата почит за другите 13 сојузници кои ветија дека ќе се им придружат на овие сили. Нашите подготовки за четири баталјони се во тек. Очекуваме да се распоредат сите четири баталјони во почетокот на 2017 година“, рече тој.
„НАТО е обединет и стоиме заедно како едно“, вели Столтенберг. „Нападот врз еден сојузник ќе се смета за напад против сите“.
„НАТО исто така презема чекори и за да го зајакне своето присуство во регионот во Црното Море“, вели тој. Ќе се формира мултинационална бригада предводена од Романија, а работиме и на дополнителни одбранбени мерки во воздух и на море, исто така“.