Mahmoud Mohamed Barakat
04 Јануари 2021•Ажурирај: 05 Јануари 2021
ДОХА (АА) - По повеќе од три години Саудиска Арабија и Катар се согласија да гo отворат своjoт воздушен простор и границите почнувајќи од вечерва, објави министерот за надворешни работи на Кувајт, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Емирот на Кувајт, шеик Наваф ал Ахмед ал Џабер ал Сабах разговараше телефонски со катарскиот емир шеик Тамим бин Хамад ал Тани и со саудискиот престолонаследник Мухамед бин Селман во врска со ова прашање, соопшти министерот за надворешни работи Шеик Ахмед Насер ал Сабах.
Тој рече дека лидерите се договориле да разговараат за сите поврзани прашања во текот на самитот на Советот за заливска соработка што започнува утре во саудиската престолнина Ријад.
Имено, кувајтскиот емир ќе учествува на 41. самит на Советот во своето прво патување во странство откако ја презеде функцијата на 30 септември, соопшти Кувајтската државна новинска агенција (КУНА).
Саудискиот престолонаследник Мухамед бин Селман „потврди дека претстојниот Самит ќе биде самит за збивање на редовите и обединување на ставот, како и за подобрување на патот кон доброто и просперитетот“, соопшти официјалната саудиска новинска агенција.
На утрешниот самит се очекува да биде потпишан договор за помирување на Катар со земјите кои го бојкотираа, или само со Ријад како прв чекор.
Развојот на настаните претставува значаен чекор во напорите да се стави крај на дипломатската криза во која Катар е блокиран од Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, Бахреин и Египет од јуни 2017 година.
Обвинувајќи го Катар за поддршка на тероризмот и за мешање во нивните внатрешни работи, четирите земји ги прекинаа односите со Доха и воведоа копнена, морска и воздушна блокада врз земјата.
Катар, со поддршка на Турција, континуирано ги негираше обвиненијата и изрази подготвеност за дијалог со цел помрднување од мртвата точка.