Barry Ellsworth
24 Октомври 2017•Ажурирај: 24 Октомври 2017
ТРЕНТОН (АА) - Канада ќе донира уште 9,5 милиони долари во хуманитарна помош за помош на араканските муслимани, Рохинџа, кои бегаат од насилствата врз нив во Мјанмар, истакна канадскиот премиер Џастин Трудо, пренесува Anadolu Agency (AA).
Тој, исто така, го именуваше Боб Рае, поранешен премиер на Онтарио и привремен лидер на Либералната партија, како специјален претставник за Мјанмар.
Рае истакна да не се очекуваат чуда во решавањето на кризата во Мјанмар, каде што ќе отпатува следната недела со цел да собере податоци од официјалните претставници и да поднесе извештај до премиерот.
„Канада е загрижена за големата хуманитарна и безбедносна криза во државата Аракан во Мјанмар, особено за бруталниот прогон на муслиманското население Рохинџа“, рече Трудо во соопштението објавено на неговата веб-страница.
„Уверен сум дека огромното искуство на Боб Рае, како адвокат, советник, преговарач, арбитер и државен службеник, ќе помогне за Канада да соработува поефикасно со Мјанмар“.
Сепак, Рае нагласи дека задачата нема да биде лесна.
„Јас не претендирам да бидам некој што може да прави чуда“, рече тој. „Мислам дека треба да продолжиме на што е можно повеќе начини да ги зајакнеме пораките за степенот на кризата во Мјанмар“.
ОН соопштија дека над 600.000 Рохинџа муслимани избегале во соседен Бангладеш од крајот на август, по операцијата на безбедносните сили во Аракан во којашто тие, заедно со будистичките банди убиваа мажи, жени и деца, ги ограбуваа домовите и ги палеа селата на Рохинџа муслиманите.
Според министерот за надворешни работи на Бангладеш, Абул Хасан Махмуд Али, во насилствата во Мјанмар убиени се околу 3.000 Рохинџа муслимани.
Турција е на чело на снабдувањето помош за араканските бегалци, а турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган го покрена ова прашање во ОН.
Рохинџа муслиманите, од ОН се сметаат за најпрогонувано малцинство во светот, соочени со зголемени стравувања од напади, по насилствата во 2012 година.
ОН регистрираа масовни силувања, убиства - вклучувајќи убиства на бебиња и мали деца, брутални претепувања и исчезнувања спроведени од страна на безбедносните сили на Мјанмар. Во извештајот, истражителите на ОН наведоа дека таквите прекршувања може да претставуваат злосторства против човештвото.
Kанадскиот премиер Трудо го објави назначувањето на Рае истиот ден кога официјални претставници на ОН, претставници од различни влади и групи за застапување се состанаа на еднодневната конференција на која се разговараше за начините за собирање финансии за помош на араканските муслимани пребегани во Бангладеш.