Servet Günerigök
23 Февруари 2021•Ажурирај: 24 Февруари 2021
ТРЕНТОН
Канадскиот федерален Парламент усвои закон со кој постапувањето на Кина кон Ујгурите се третира како геноцид, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Моментално се спроведува геноцид врз Ујгурите и останатите турски муслимани“, се наведува во предлогот што канадскиот Парламент го усвои со 266:0 гласови.
Парламентот исто така го поддржа предлогот за лобирање кај Олимпискиот комитет за преместување на Олимписките игри доколку Кина не го запре геноцидот.
Целиот кабинет на премиерот Џастин Трудо од 35 министри беше воздржан при гласањето за предлогот на Конзервативната партија. Меѓутоа, ниту еден либерал не гласаше против предлогот.
„Канада со сигурност не ја игнорира ујгурската неволја“, изјави министерот за финансии Марк Гарне.
„Сериозно сме загрижени“, изјави тој и додаде дека тоа јасно го изјавиле до кинеската Влада.
Првите извештаи за малтретирање се појавија во 2017 година и оттогаш околу милион Ујгури се сместени во повеќе од 400 концентрациони логори.
ОН и разни медиуми известуваа за злосторствата, велејќи дека малцинските Ујгури во логорите се изложени на сексуално насилство, принудна стерилизација, тепање и други злоупотребувања. Околу 10 милиони Ујгури ја населуваат покраината Синџијанг.
На прес-конференцијата што конзервативците ја свикаа во понеделникот изутрина пред гласањето, една Ујгурка, која била ангажирана да предава кинески јазик во еден од камповите во 2017 година, изјави дека сведочела на злоупотребувањето од прва рака, на заплашувањето, силувањето и други злоупотреби.
Автономната покраина Синџијанг е најголема кинеска покраина во која доминантно живее муслиманското население што го сочинуваат припадниците на туркиската заедница Ујгури и етнички Казахстанци.
Организациите за заштита на човековите права веќе некое време се обидуваат на меѓународната заедница да ѝ укажат на проблемот на ујгурската заедница во Синџијанг, во кој милиони луѓе се затворени во логори за трансформација и доедукација.
И меѓународната организација „Хјуман рајтс воч“ (HRW) во претходен извештај наведе дека многу луѓе во Синџијанг во изминатите две години завршиле во притвор во т.н. центри за политичка едукација, а станува збор за лица што властите ги оцениле како опасни и против нив наредиле т.н. превентивно полициско дејствување.
Европската Унија изрази загриженост поради постоењето на тие центри и тоа јасно им го пренесе на кинеските официјални претставници на состанокот за Дијалогот за човековите права.
Официјален Пекинг го негира постоењето на таквите логори во Синџијанг, а од Министерството за надворешни работи на Кина тврдат дека станува збор за центри што се користат особено за стручно образование.