свет

Аргентина: Објавена листата на влијателни лица што добиле повластен третман за вакцинирање

На листата се наоѓаат имиња на истакнати личности, како што се поранешниот претседател Едуардо Духалде, неговата сопруга Хилда Гонзалес и нивните деца, како и голем број синдикалци, министри и секретари.

Ekip  | 23.02.2021 - Обновена : 24.02.2021
Аргентина: Објавена листата на влијателни лица што добиле повластен третман за вакцинирање

ЛОНДОН 

Владата на Аргентина објави листа на 70 влијателни лица кои добиле повластен третман за вакцинација, добивајќи вакцина против коронавирусот (Ковид-19) пред другите во болницата „Посадас“ во Буенос Аирес, јавува Агенција Анадолија (АА).

Одлуката да се објави листата е донесена по состанокот меѓу шефот на Кабинетот на министри, Сантијаго Кафиеро, и новата министерка за здравство Карла Визоти.

На листата се наоѓаат имиња на истакнати личности, како што се поранешниот претседател Едуардо Духалде, неговата сопруга Хилда Гонзалес и нивните деца, како и голем број синдикалци, министри и секретари.

Тие наводно ја примиле руската вакцина „Спутник V“ пред нивниот закажан термин.

Аргентина во вакцинирањето ги има за приоритет медицинските работници кои се наоѓаат во првите редови на борбата против вирусот и започна со вакцинирање на постарите возрасни групи.

Според локалните медиуми, поранешниот министер за здравство, Гинес Гонзалес Гарсија, воспоставил ексклузивен „ВИП-пристап“ до вакцините, во корист на неколкумина во земјата.

Скандалот беше откриен на 19 февруари по јавното признание на аргентинскиот новинар Хорасио Вербицки, кој потврди дека ја примил руската вакцина откако разговарал со неговиот „стар пријател“ Гонзалес Гарсија.

Аргентинскиот претседател Алберто Фернандез потоа побарал од Гарсија да поднесе оставка, откако беше објавено дека тој на новинарот му понудил „ВИП-пристап“ до вакцината против Ковид-19, и не морал да се регистрира онлајн, како што го прават тоа другите државјани во земјата.

По скандалот, локалните извештаи велат дека претседателот им дал наредба на Кафиеро и Визоти да го објават списокот на оние што добиле повластен третман за вакцини.

Според податоците на американскиот Универзитет „Џонс Хопкинс“, во Аргентина, која има популација од над 45 милиони жители, регистрирани се повеќе од 2 милиони заразени лица со коронавирусот и над 51.000 смртни случаи предизвикани од последиците на вирусот.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.