Seyit Aydoğan
11 Август 2021•Ажурирај: 12 Август 2021
ТОРОНТО
Експертскиот извештај документира дека 30-годишниот затвореник муслиман болен од шизофренија по име Сулејман Факири, кој почина во затворот во Канада, бил претепан до смрт од страна на стражарите, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Направен е важен чекор во правната борба на семејството Факири, чиј син Сулејман Факири почина на 15 декември 2016 година, во затворот во Линдзи, покраината Онтарио.
Шефот на службата за патологија на Форензичкиот институт во Онтарио, д-р Мајкл Поланен, пред судот го претстави својот извештај за смртта на Факири.
Во извештајот Поланен ја наведе официјалната причина за смртта на Сулејман Факири, кој почина во затвор додека беше врзан со синџири на подот.
„Неговото срце беше зголемено. Имаме повреди на мускулите и на кожата предизвикани од лежечка положба, од борбата и спротивставувањето на службениците кои го тепале и изложиле на солзавец. Исто така, Сулејман Факири имаше тешка траума предизвикана од удирањето на службениците.“
Две кривични истраги спроведени од локалната и државната полиција откако семејството Факири поднесе тужба по смртта на нивниот син, не резултираа со подигнување обвинение против шестемина стражари кои биле вклучени во настанот.
Во вестите на „Си-би-ес“ (CBC) на оваа тема се наведува дека адвокатите на семејството истакнале дека случајот е вратен назад во провинциската полиција во Онтарио, што значи дека кривичните пријави против шестемина стражари повторно ќе се разгледуваат.
Братот на Сулејман Факири, Јусуф, за „Си-би-си“ истакна: „На крајот на денот дали има некое олеснување кај нас? И да и не. Сулејман го нема, нема да се врати, тој ден почина дел од моето семејство. Ова што го пишува во извештајот, требаше да се направи пред пет години. Ја повикуваме покраинската полиција во Онтарио да ја заврши својата работа. Докажете ни дека системот не ги штити службениците кога ќе го прекршат законот.“
Сулејман Факири, од Авганистан во Канада дојде со своето семејство во 1993 година. По сообраќајна несреќа во неговата прва година на Универзитетот во Ватерло кај него беше дијагностицирана шизофренија и не можеше да го продолжи образованието.
Факири беше уапсен од регионалната полиција „Дурам“ во градот Ajax на 4 декември 2016 година, за наводно прободување на својот сосед со „остро оружје“, и почина 11 дена подоцна во затворот каде што беше однесен.
Семејството Факири до Врховниот суд на правдата во Онтарио поднесе тужба од 14,3 милиони американски долари против Одделот за безбедност и поправни услуги при Министерството, затворската управа и стражарите. Судската постапка сѐ уште е во тек.