Италија го повика Израел да ја гарантира безбедноста на новинарите во Газа
„За медиумите во Газа веќе усвоивме документ заедно со многу други земји. Нашиот став за слободата на печатот останува непроменет“

БЕРЛИН (АА) – Израел мора да ја гарантира безбедноста на новинарите во Газа, изјави италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани по смртта на петмина новинари во израелски напад врз болница во јужниот дел на Појасот Газа денес, јавува Анадолу.
„За медиумите во Газа веќе усвоивме документ заедно со многу други земји. Нашиот став за слободата на печатот останува непроменет“, изјави Тајани, повикувајќи се на заедничката изјава на 27 земји дадена минатата недела.
„Сметаме дека е исправно да се гарантира безбедноста на новинарите и дека тие треба да можат да ја извршуваат својата работа и во Појасот Газа“, рече тој, според новинската агенција АНСА.
Во израелскиот напад врз медицинскиот комплекс „Насер“ во Кан Јунис, јужниот дел на Газа, денес се убиени 20 Палестинци, меѓу кои петмина новинари и еден пожарникар, а неколкумина се повредени.
Министерството за здравство на Газа соопшти дека израелската армија со два воздушни напада го погодила четвриот кат на една од зградите на комплексот, додавајќи дека вториот напад се случил додека спасувачките екипи пристигнувале за евакуација на повредените и извлекување на загинатите.
Државната Палестина ТВ соопшти дека меѓу убиените е и нивниот снимател Хусам ал-Масри, а катарскиот канал Ал Џезира потврди дека убиен е и нивниот фотограф Мухамед Салама.
Медицински извор за Анадолу ја потврди смртта на фоторепортерката Мерјем Абу Дага. Во нападот е убиен и фоторепортерот Моаз Абу Таха.
Медицински извори за Анадолу, исто така, потврдија дека Ахмед Абу Азиз, хонорарен новинар што соработувал со туниски и марокански медиуми, починал од повредите здобиени во израелскиот напад.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.