Поранешниот холандски министер Велдкамп: Политиките на Нетанјаху во Газа го лишија Израел од глобален легитимитет
Велдкамп оцени дека офанзивата во Газа и однесувањето на израелската Влада се штетни за безбедноста и идентитетот на Израел

ИСТАНБУЛ (АА) – Поранешниот министер за надворешни работи на Холандија, Каспер Велдкамп, предупреди дека политиките на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во Газа ја нарушиле легитимноста на Израел на меѓународно ниво и повика на итен прекин на војната, пренесува Анадолу.
Во изјавата емитувана денес на израелскиот Канал 12, Велдкамп оцени дека офанзивата во Газа и однесувањето на израелската Влада се штетни за безбедноста и идентитетот на Израел.
Тој нагласи дека конфликтот мора да заврши колку што е можно побрзо, посочувајќи дека војната повеќе не е „одбранбена и оправдана“ како што изгледаше по нападите на Хамас од 7 октомври 2023 година.
„Им придавам големо значење на безбедноста и иднината на Израел, но не се согласувам со политиките на Владата во Газа. Војната мора да запре“, изјави Велдкамп, додавајќи дека Владата на Нетанјаху „дефинитивно ја загубила легитимноста во очите на светот“ и покрај неговите напори Европа да изврши притисок врз Хамас и да ја истакнува состојбата со израелските заложници.
Велдкамп, кој беше амбасадор на Холандија во Израел во периодот од 2011 до 2015 година, поднесе оставка во петокот откако коалициските партнери ги блокираа неговите предлози за дополнителни санкции за Израел, вклучително и забрана за увоз од израелските населби и други мерки против планираната офанзива врз Газа.
По неговата оставка центристичката партија Нов општествен договор (НСЦ) ги повлече сите свои министри и државни секретари од преодната Влада, обвинувајќи ја израелската Влада за кршење на меѓународното право. Лидерот на НСЦ и заменик-премиер Еди ван Хијум изјави дека „постапките на израелската Влада ја прекршуваат меѓународната регулатива“ и дека „мора да се повлече линија“.
Со овој потег неколку клучни министерства останаа без раководство и се продлабочи политичката неизвесност во Хаг.
Владејачките партии Народна партија за слобода и демократија (ВВД) и Земјоделско-граѓанско движење (BBB) го осудија чекорот на НСЦ како „неодговорен“.
Во петокот Агенцијата на ОН за палестински бегалци соопшти дека гладот во Газа е намерно предизвикан од Израел, по официјалната процена на Меѓународната класификација за безбедност на храната (ИПЦ).
Израел уби речиси 62.700 Палестинци во Газа од октомври 2023 година. Воената кампања ја опустоши енклавата, која се соочува со глад.
Минатиот ноември Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел се соочува и со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за своите воени дејства во енклавата.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.