Övünç Kutlu
02 Ноември 2021•Ажурирај: 03 Ноември 2021
АНКАРА
Подводниот објект во кој американската нуклеарна подморница удри минатиот месец е неоткриена подводна планина, заклучи истрагата на американската морнарица, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„УСС Конектикат“, подморница од класата „Сивулф“, изврши операција во Јужното Кинеско Море, кога на 2 октомври удри во неидентификуван објект, при што беа повредени некои членови на екипажот, а бродот беше однесен на поправка.
„Истрагата утврди дека Конектикат се приземјил на непозната морска планина додека извршувал операција во меѓународни води во Индо-пацифичкиот Регион“, се вели во соопштението на американската морнарица.
Подморските планини се подводни планини кои главно се формирани од вулканска активност, што можат да се издигнат до 4.000 метри височина од морското дно.
Наодите од истрагата беа доставени до Карл Томас, командант на 7-та флота, која оперира во западниот дел на Тихиот и Индискиот Океан.
Тој ќе одлучи „дали следните потези, вклучително и одговорноста, се соодветни“, се додава во соопштението.