Mohamad Misto
01 Март 2018•Ажурирај: 01 Март 2018
ИСТОЧНА ГУТА/АНКАРА (АА) - Во нападите што се извршени во Сирија од режимот на Башар ал Асад и неговите поддржувачи и покрај Резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН), и прогласувањето на секојдневен петчасовен прекин на огнот од страна на Русија, загинаа осум цивили, јавува Anadolu Agency (AA).
Според информациите добиени од тимовите на Цивилната одбрана во Источна Гута, и покрај Резолуцијата на Советот за безбедност на ОН, како и прогласувањето на примирје што треба да биде валидно секој ден од 09:00 од 14:00 часот по локално време од страна на Русија, Асадовиот режим и неговите поддржувачи и денес продолжуваат да ја напаѓаат Источна Гута, при што четири лица загинаа во Мерџ, две лица, татко и ќерка, во Кефер Батна, како и две лица во Хамурије.
Исто така, погодена е и куќата на Енес Димешки, фриленсер на АА, при што е повреден неговиот брат.
Џамијата Ел Селик во Дума изградена пред 120 години, е погодена од страна на руските воени авиони. Минатата недела беше погодена и друга џамија во Дума, џамијата Нур.
Постои загриженост од зголемување на бројот на жртвите и повредените затоа што непрекинато се вршат бомбардирања.
Сираџ Махмут, портпарол на тимовите на Цивилната одбрана во руралното подрачје на Дамаск каде што се наоѓа и Источна Гута, вчера соопшти дека вкупно 560 цивили го загубија животот, од кои 107 деца и 76 жени, во насилните воздушни и копнени напади на Асадовиот режим и неговиот поддржувач Русија, како и на странските групи, извршени во периодот од 19 до 29 февруари.
Во Источна Гута, која е под контрола на опозицијата, околу 400.000 цивили веќе 5 месеци живеат под блокада. Источна Гута на преговорите во Астана беше прогласена за зона без судири. Но, Асадовиот режим, чија земја гарант е Русија, од април минатата година ја интензивираше блокадата на подрачјето, а во последните месеци ги интензивираше и нападите. Илјадници болни лица чекаат да бидат евакуирани од регионот во кој е продлабочена хуманитарната криза, од кои стотици имаат потреба од итна евакуација. Повеќето од болните се деца и заболени од канцер. Голем број деца и бебиња во Источна Гута починаа од глад и недостиг на лекови.