Selen Valente Rasquinho,Ata Ufuk Şeker
18 Април 2024•Ажурирај: 19 Април 2024
БРИСЕЛ (АА) - Ирскиот новинар и автор Дејвид Кронин се обиде да изведе „граѓанско апсење“ на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, за време на Европскиот самит за одбрана и безбедност во Брисел вчера, обвинувајќи ја за „помагање на геноцидот во Газа“, јавува Анадолу.
Кронин, вонреден уредник на „Електронска интифада“ (The Electronic Intifada), веб-страница фокусирана на Палестина и проминентен глас за израелско-палестинското прашање, го прекина говорот на Фон дер Лајен на самитот и ги изнесе своите обвинувања.
„Госпоѓо Фон дер Лејен, ова е граѓанско апсење. Вие сте обвинети за помагање на геноцидот во Газа. Му изразивте целосна поддршка на Израел на почетокот на овој геноцид. Крвта на палестинските деца е на Вашите раце. Вие сте криминалец, г-ѓо Фон дер Лајен. Вие не треба да бидете тука, Вие треба да бидете во Хаг. Не треба да се кандидирате за реизбор“, рече тој гласно пред да го изнесат надвор од местото на настанот скандирајќи „Слободна Палестина“.
Не е првпат Кронин да преземе ваква акција.
Претходно тој ги нападна и поранешниот британски премиер Тони Блер и поранешниот израелски министер за надворешни работи Авигдор Либерман во слични инциденти.
Кронин, во претходна изјава за Анадолу, ја осуди ситуацијата во Газа.
„Ситуацијата во Газа не започна на 7 октомври. Тоа е колонијален процес што започна на почетокот на 20 век, поддржан од тогашната империјалистичка сила, Обединетото Кралство, и продолжува до денес, претворајќи се во грозен геноцид. Воените сили што ја окупираат земјата на друг народ, како Израел, немаат права, туку само одговорности.“
Израел спроведува смртоносна воена офанзива во Појасот Газа од прекуграничниот напад на палестинската група Хамас на 7 октомври 2023 година, во кој беа убиени речиси 1.200 луѓе.
Оттогаш во Газа се убиени речиси 33.900 Палестинци, главно жени и деца, а над 76.600 се повредени.
Според податоците на Обединетите нации, израелската војна принуди 85 отсто од населението на Газа внатрешно да се раселат, а поради целосната блокада предизвикан е недостиг на храна, чиста вода и лекови, додека 60 отсто од инфраструктурата на енклавата се оштетени или уништени.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата, кој во јануари донесе привремена одлука со која му наредува на Тел Авив да се погрижи неговите сили да не вршат акти на геноцид и да гарантира дека хуманитарната помош ќе стигне до цивилите во Газа.