Bilal Güler
13 Април 2020•Ажурирај: 13 Април 2020
АНКАРА (АА) - Иранскиот министер за здравство, Саид Немеки, истакна дека Иран игра шах во борбата против новиот вид коронавирус, Ковид-19 во земјата, и дека епидемијата може да се зголеми повторно наесен и во зимските месеци, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според ИРНА, иранската државна агенција, Немеки на средбата со службените лица на Агенцијата за здравствено осигурување одржана преку видеоконференција, информирал за текот на состојбата со Ковид-19 во земјата.
Нагласувајќи дека Ковид-19 е различен и посериозен од претходните вируси, Немеки нагласи:
„Ние мораме да се подготвиме за следните сериозни бранови на коронавирусот. Сѐ уште не го познаваме коронавирусот. Му реков и на претседателот, ние играме шах со него. Дури и претседателот на Светската здравствена организација не може да ја предвиди иднината на коронавирусот.“
Немеки, наведувајќи дека епидемијата ќе продолжи и во втората половина од оваа година, рече дека влијанието најверојатно ќе биде помало од сегашното.
Тој рече дека се надеваат првиот бран од епидемијата да го запрат кон крајот на мај и додаде: „Да не помислиме дека вирусот ќе нѐ остави. Новиот бран на оваа епидемија може да се појави наесен и во зимските месеци оваа година. Треба да се подготвиме за потешки денови.“
Иранскиот министер за здравство, Немеки, исто така изјави дека Ковид-19 може да стане хроничен како САРС и МЕРС, и дека не знаат дали епидемијата ќе заврши со затоплувањето на времето.
Ковид-19 во Иран за првпат беше забележан во градот Ком на 19 февруари во Иран, а потоа се прошири низ целата земја.
Заклучно со денеска, од Ковид-19 во Иран починаа 4.585, а бројот на заболени се искачи на 73.303.