Ekipa
07 Август 2016•Ажурирај: 08 Август 2016
ЛОНДОН (АА) - Иранскиот научник за нуклеарна енергија, Шахрам Амири, кој беше уапсен во 2010 година, е погубен со бесење, потврди неговото семејство за британските медиуми, пренесува Anadolu Agency (AA).
Мајката на Амири кажа дека телото на нејзиниот син стигнало во родниот град, а на вратот имало видливи траги од јаже, што укажува на тоа дека бил обесен.
Овој ирански научник држен е на тајна локација по неговото враќање од Соединетите Американски Држави (САД), каде што, како што тврдеше, насилно го привела Централната разузнавачка агенција (ЦИА).
Би-би-си пишува дека според одредени наводи Амири добро ја познавал иранската нуклеарна програма.
Амири (роден 1977 година) исчезна во 2009 година во Мека, каде што бил на аџилак.
Една година подоцна се појави во САД велејќи дека е киднапиран и дека ЦИА го подвргнала на „интензивен психолошки притисок за да открие чувствителни информации”.
„Ме одведоа во куќа, на непозната локација. Ми даваа анестезија”, рече во едно видео Амири, кој во 2010 година се врати во Техеран како херој, но подоцна беше објавено дека по враќањето е осуден на долгогодишна казна затвор.
Американски официјални лица за Би-би-си истакнаа дека тој пребегнал по своја волја и дека им пружил на САД корисни информации.
Неговото семејство потврди дека додека бил во притвор стравувале за неговиот живот.
Официјален Техеран сè уште не се огласи за наводите за смртна казна.