Ekip
11 Декември 2018•Ажурирај: 12 Декември 2018
АНКАРА (АА) - Висок ирански командант денес потврди дека Техеран неодамна извел тестирање на балистичка ракета, јавува Anadolu Agency (AA).
„Ние ќе продолжиме со тестирањето на ракети, а ова последно тестирање е од особено значење“, рече бригадниот генерал Амир Али Хаџизаде, командант на воздухопловната дивизија при Иранската револуционерна гарда (IRGC).
Минатата недела, американскиот државен секретар Мајк Помпео го обвини Техеран за прекршување на Резолуцијата 2231 на Советот за безбедност при ОН, тестирајќи лансирање на балистичка ракета со среден дострел.
„Реакцијата на САД покажува колку е важно ова прашање за нив“, рече Али Хаџизаде.
Без да даде детали за типот на тестираната ракета, иранскиот командант изјави дека Иран тестира и до 50 ракети годишно.
Во мај, САД еднострано се повлекоа од Договорот за нуклеарна програма со Иран од 2015 година, и наметнаа две фази на санкции кон Техеран.
Резолуцијата 2231 на ОН забранува Иран да тестира балистички проектили кои можат да носат нуклеарни боеви глави.
Техеран, од своја страна, стои во одбрана на тестирањата, тврдејќи дека се работи за конвенционални ракети и дека тестирањата не се во спротивност со Резолуцијата на ОН.