Mustafa Melih Ahıshalı
01 Август 2022•Ажурирај: 02 Август 2022
ИСТАНБУЛ (АА) – Претседателот на иранската Агенција за атомска енергија, Мухамед Ислами, нагласи дека неговата земја технички има способност да направи атомска бомба, но дека таков проект не е на нивната агенда, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според веб-страницата „Entekhab“, Ислами се осврнал на нуклеарните активности на Иран и нуклеарниот договор потпишан со земјите 5+1 во 2015 година, наречен Заеднички сеопфатен акционен план, кој не успеа да се реализира.
„Иран има техничка способност да направи атомска бомба, но таков проект не е на нашиот дневен ред“, рече Ислами.
Наведувајќи дека Иран има конструктивна соработка во односите со Меѓународната агенција за атомска енергија (UAEA), Ислами рече дека спроведувањето на Заедничкиот сеопфатен акционен план е спречено со неосновани обвинувања против нуклеарните активности на неговата земја.
„Доколку другата страна има волја да се врати на Заедничкиот сеопфатен акционен план, не треба да изнесува лажни обвинувања, а ако не сакаат да се вратат, не треба да го губат времето на страните“, рече Ислами.
Али Бакири, иранскиот заменик-министер за надворешни работи и главен преговарач, во вчерашната објава на својот профил на Твитер истакна дека Иран е подготвен да ги заврши преговорите за кратко време доколку се подготвени и САД.
- Нуклеарните преговори од Виена до Доха -
Првиот договор, наречен Заеднички сеопфатен акционен план за нуклеарните активности на Иран, беше потпишан во 2015 година помеѓу 5-те постојани членки на Советот за безбедност на Обединетите нации (Велика Британија, САД, Кина, Франција, Русија) и Германија и Иран.
Економските санкции против Иран беа вратени откако поранешниот американски претседател Доналд Трамп еднострано ја повлече својата земја од договорот во 2018 година.
Потоа, администрацијата на Техеран постепено се врати на своите нуклеарни активности.
Преговорите, што повторно започнаа во Виена, главниот град на Австрија, за спроведување на Заеднички сеопфатен акционен план минатата година, беа прекинати на 11 март поради „надворешни фактори“, што го истакна Жозеп Борел, високиот претставник на Европската Унија за надворешни односи и безбедносна политика.
За време на посетата на Борел на Техеран на 25 јуни, донесена е одлука преговорите за спроведување на нуклеарниот договор да продолжат во Доха, главниот град на Катар, во рамките на постигнатите договори.
Ниту индиректните разговори меѓу претставниците на САД и Иран на 28-29 јуни не дадоа резултати за продолжување на преговорите.
Се очекува преговорите да продолжат во блиска иднина.