свет

Иран ги повикува САД да ги укинат санкциите во обид за обновување на Нуклеарниот договор

„Укинувањето на санкциите на САД е првиот и најважниот аспект за заживување на JCPOA или Заедничкиот сеопфатен план за акција - формалното име за Нуклеарниот договор“

Ekipa  | 07.04.2021 - Обновена : 08.04.2021
Иран ги повикува САД да ги укинат санкциите во обид за обновување на Нуклеарниот договор

ВИЕНА (АА) - Главниот ирански преговарач за нуклеарно оружје вчера ги повика Соединетите Американски Држави (САД) да ги укинат санкциите кон земјата во обид да го обноват Нуклеарниот договор од 2015 година, бидејќи разговорите меѓу Иран и светските сили кои сè уште се учесници во договорот, завршија во Виена, пренесува Агенција Анадолија (АА).

„Укинувањето на санкциите на САД е првиот и најважниот аспект за заживување на JCPOA или Заедничкиот сеопфатен план за акција - формалното име за Нуклеарниот договор“ - рече Абас Арагчи во австриската престолнина по разговорите со високи функционери од Европската Унија, Германија, Велика Британија, Франција, Кина и Русија.

Преговорите започнаа со учество на дипломати на земјите потписнички под претседателство на Енрике Мора, заменик-генерален секретар и политички директор на Службата за надворешни работи на ЕУ, во име на шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел.

Разговорите во Виена беа фокусирани на аспектите на укинување на санкциите на САД кон Техеран, како и на изгледите за враќање на САД, кои го напуштија Договорот еднострано во мај 2018 година, под иницијатива на тогашниот претседател Доналд Трамп.

„Нашата јасна цел е да се вратиме на целосно и ефикасно спроведување на Договорот од сите страни“, порача Мора преку социјалните мрежи пред состанокот.

За првпат по повеќе од две години, американската делегација, наводно, разменила мислења за враќање на Договорот со сите страните, освен со Иран.

Арагчи претходно изјави дека нема да има директни или индиректни разговори со американските претставници на маргините на разговорите за нуклеарната програма во Виена.

Договорот беше потпишан меѓу постојаните членки на Советот за безбедност на ОН, САД, Велика Британија, Франција, Русија и Кина, како и Германија, ЕУ и Иран, во 2015 година, за да се контролираат и регулираат иранските нуклеарни активности, а за возврат да се отстранат санкциите.

Последната тет-а-тет средба на сегашните учесници се одржа во Виена во февруари 2020 година.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.