Fahri Aksüt,Mahmoud Mohamed Barakat Ramadan İbrahim
10 Јануари 2020•Ажурирај: 11 Јануари 2020
ТЕХЕРАН
Иран денеска негира каква било одговорност за соборувањето на украинскиот авион кој се урна вчера во Техеран, нарекувајќи го обвинението лажно и дека претставува психолошка операција на САД, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Портпаролот на Владата, Али Рабиеи, соопшти дека Комитетот задолжен за истрага на инцидентот е формиран врз основа на регулациите на Меѓународната организација за цивилно воздухопловство (ICAO).
Рабиеи изјави дека Комитетот ќе го истражи инцидентот итно и транспарентно со учество на експерти од релевантни земји.
Тој нагласи дека украински претставник веќе се наоѓа во Иран за да ја истражи црната кутија од авионот.
„Исто така добредојдено е и присуството на релевантните земји во истрагата, чии државјани загинаа во инцидентот“, додаде тој.
Рабиеи изјави дека обвинувањата дека авионот бил соборен од страна на ирански проектил е пресметан чекор и психолошка операција.
Тој изјави дека снимката која била објавена е лажна и дека никој нема да земе одговорност за тоа. Тој, исто така ги повика САД да учествуваат во Комитетот за истражување, наместо да лажат и да учествуваат во психолошки операции.
„Во меѓувреме, портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Абас Мусави, изјави дека Иран ги повикал и Украина и компанијата „Боинг“ да учествуваат во истрагите“, се вели во соопштението кое го пренесе државната новинска агенција ИРНА.
Портпаролот на Министерството изјави дека исто така се добредојдени и експерти од другите земји чии државјани загинаа во несреќата.
Авионот „боинг 737“ на украинската авиокомпанија „Украина ерлајнс“, кој требаше да лета кон Киев, падна на 8 јануари кусо по полетувањето од аеродромот „Имам Хомеини“ во Техеран. Ниту еден од 176-те патници и членови на посадата не преживеа.
Иранските официјални претставници претходно соопштија дека се верува оти авионот паднал од технички причини, а и украинските официјални претставници го сметаа тоа во првата фаза. Меѓутоа, подоцна се пронајдени црните кутии и е изјавено дека сѐ уште не е позната причината за падот на леталото.
Еден од американските официјални претставници изјави дека сметаат оти е можно падот на авионот да се случил поради еден од проектилите кои ги истрелал Иран.
Меѓу загинатите патници се наоѓаат државјани од Иран, Канада, Украина, Шведска, Авганистан, Германија и Велика Британија.