Ahmet Dursun
02 Декември 2021•Ажурирај: 02 Декември 2021
АНКАРА (АА) - Иранскиот министер за надворешни работи, Хусеин Емир Абдулахијан, истакна дека доколку западните земји покажат „добра волја“, може да се постигне договор во тековните нуклеарни преговори во Виена, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во порака споделена на својот профил на Твитер, Абдулахијан ги оцени разговорите меѓу Иран и страните од Договорот за нуклеарната програма во Виена, главниот град на Австрија.
Наведувајќи дека секојдневно е во контакт со Али Бакири, главниот преговарач и заменик-министер за надворешни работи, кој на состаноците го претставува Иран, Абдулахијан рече дека разговорите напредуваат во согласност со основниот приоритет - укинување на санкциите.
„Ако Западот покаже добра волја, може да се постигне добар договор. Ние сме разумни, одмерени и бараме дијалог кој ќе даде резултати“, нагласи Абдулахијан.
Седмиот круг разговори меѓу Иран и страните од Договорот за нуклеарната програма, на кои се преговара за обновување на договорот и враќање на САД во него, продолжија на 29 ноември по петмесечна пауза.
Под координација на Европската Унија (ЕУ), во разговорите учествуваат Русија, Кина, Велика Британија, Франција и Германија (4+1), а индиректно учествуваат и САД, кои еднострано се повлекоа од договорот во 2018 година.