ПАЛУ (АА) - Од Агенцијата за справување со катастрофи (BNPB) денес соопштија дека бројот на загинати лица во земјотресот со магнитуда од 7,4 степени и во цунамито кои ја погодија Индонезија, се зголемил на 1.347 лица, јавува Anadolu Agency (AA).
Портпаролот на Агенцијата, Сутопо Пурво Нугрохо, изјави дека бројот на загинати лица во катастрофата која го погоди Палу на островите Сулавеси и Донгала ќе расте, затоа што спасувачите сѐ уште треба да идентификуваат и пронајдат многу жртви, дури и да стигнат до некои области кои се погодени од катастрофата.
Тој изјави дека речиси 800 лица во болниците се сериозно повредени и дека околу 62.000 лица се раселени во 24 кампови низ регионот.
„Околу 99 лица сѐ уште се водат за исчезнати“, изјави тој.
„Повеќето од смртните случаи биле предизвикани од тоа што луѓето биле потрупани под урнатините или биле погодени од цунамито“, рече тој.
Во меѓувреме се објавија извештаи за инциденти со грабежи во градовите погодени од земјотресот, Палу и Донгала.
Зборувајќи со новинарот на АА, Росани, воен официјален претставник во Пасангкају, одговорен за безбедноста на конвоите со хуманитарна помош, изјави дека вчера бил ограбен конвој.
Тој изјави дека имало недостиг на безбедносен персонал во областа.
- Голема потребата од храна и вода -
Населението во моментот има потешкотии со снабдување на храна и питка вода.
Жителите погодени од земјотресот во Палу поставија шатори пред градското Собрание, со цел побрзо да добијат помош, но исто така се надеваат и на поддршка однадвор.
Исманто Ачо, жител на подрачјето истакна: „Пиеме вода од чешма бидејќи не можеме да најдеме питка вода. Не можеме да најдеме храна и се обидуваме да се нахраниме со готови тестенини испратени како помош“, рече тој.
Во Палу и Донгала има недостиг и на гориво.
Регионалните официјални претставници, како и тимовите за пребарување и спасување во областа, носат гориво надвор од регионот.
Локалното население со часови чека ред пред бензинските пумпи.
- Последователните потреси продолжуваат -
Акциите за потрага и спасување во подрачјето на срушените објекти низ целиот регион се во тек.
Во Палу и Донгала, последователните потреси го зголемуваат стравот од нов земјотрес, додека луѓето чии куќи останале неоштетени од земјотресот се плашат да ја поминат ноќта во своите домови.
Во населбата Балароа во Палу, каде што целосно беше уништена станбена површина на која живееја околу 200 семејства, во тек се акциите на Националната агенција за пребарување и спасување „Басарнас“.
Танвир, жител на Балароа, за АА изјави дека не бил во населбата кога се случил земјотресот. „По земјотресот веднаш тргнав дома и видов дека мојата куќа е уништена. Ги спасив моите две деца, мојата сопруга и баба од урнатините, рече тој, додавајќи дека стотици други луѓе сѐ уште биле под остатоците.
Ретно Будихарто од „Басарнас“ истакна дека две лица биле спасени, а три тела биле извлечени од хотелот „Роа“, кој беше целосно срушен во земјотресот.
„Според податоците на хотелот, под урнатините има околу 30 лица. Продолжуваме со акциите за пребарување и спасување“, додаде тој.
- Турција со хуманитарна помош за регионот -
„Дополнителен наш тим е на пат кон регионот. Помошта што ќе биде испратена од Турција со карго авион на „Turkish Airlines“ (Туркиш ерлајнс) ќе слета во градот Макасар, главниот град на провинцијата Јужен Сулавеси, а потоа ќе биде пренесена во подрачјето зафатено со катастрофата“, изјави за АА, челникот на турската Црвена полумесечина, Керем Киник.
Раководителот на индонезискиот тим на организацијата, Али Акгул, истакна дека инфраструктурата е тешко оштетена, а 600.000 жители имаат потреба од помош.
Вечерва, карго авион со хуманитарна помош ќе замине за Индонезија, вклучувајќи и комплетен пакет помош подготвен по инструкциите на претседателот Реџеп Таип Ердоган.
Одговорниот за достава на хуманитарна помош во странство при турскиот „Дијанет“, Абдула Учак, кој во моментов се наоѓа во погоденото подрачје, ја истакна потребата од храна и вода во регионот.
Учак го спомена и проблемот со напојувањето со електрична енергија и проблемот со комуникациите во регионот, како и со прекинот на интернет-мрежата.