Ekipa
10 Февруари 2022•Ажурирај: 11 Февруари 2022
ЊУ ДЕЛХИ (АА) ‒ Студентка муслиманка од индиската сојузна држава Карнатака, која стана симбол на отпорот на муслиманските жени за заштита на нивното право да носат хиџаб или марама, порача дека нема потреба од страв.
Претходно оваа недела, видео широко распространето на социјалните мрежи покажа како Мускан Кан, студентка со марама, е малтретирана од толпа мажи со шалови со боја на шафран, боја која се смета за хиндуистички симбол, но исто така се поврзува со владејачката партија Баратија Џаната.
Кан беше поздравена поради храброто соочување со толпата додека пристигнуваше во колеџот во јужниот град Мандија во вторникот.
Додека толпата постојано извикуваше „Џаи Шри Рам“ („Поздрав, господару Рам“), Кан извикуваше „Алаху Екбер“ („Бог е голем“), додека беше спроведувана од службениците на колеџот.
Во интервју за Агенција Анадолија Кан рече дека не се исплашила кога се соочила со толпата.
„Се присетив на Алах бидејќи кога се присетуваме на Алах, добиваме многу храброст и сила. Па така извикав ’Бог е голем‘“, рече таа.
Одлуката на колеџот во Карнатака да им забрани на студентките носење на шамија во училниците предизвика гнев кај дел од јавноста во Индија. Оние кои протестираат против овој потег, велат дека Уставот им дозволува на Индијците да носат облека по свој избор и да прикажуваат верски симболи.
Студентите муслимани го оспорија овој потег на суд. Високиот суд во Карнатака го предаде случајот на повисокиот судски совет кој денес ќе го преземе случајот под своја надлежност.
Иако забраната за носење хиџаб од страна на колеџот за неа била разочарувачка, Кан рече дека била воодушевена од поддршката која ја добила.
„Сите ми праќаат љубов, поддршка... јас не се плашам“, рече таа, додавајќи дека е горда Индијка.
Велејќи дека не се бори само за нејзините права, младата муслиманка рече дека го чека рочиштето во Високиот суд.
„Го чекам рочиштето во Високиот суд, а нашиот голем Устав не е против ниту една религија. Јас сум горда на тоа“, рече таа.
Кан истакна дека не губи надеж дека постои Индија во којашто преовладува верската хармонија.