Mehmet Alaca
28 Декември 2021•Ажурирај: 29 Декември 2021
ЊУ ДЕЛХИ
Група пратеници во Индија повикаа на преземање мерки против зголемените злосторства од омраза против муслиманите во земјата во последниот период, пренесува Агенција Анадолија (АА),
Пратениците напишаа писмо до главниот судија на земјата, Н.В. Рамана, барајќи од него да преземе мерки во врска со двата неодамнешни настани каде беа упатени повици за геноцид врз муслиманите.
Повикот дојде откако членовите на опозициската Конгресна партија го критикуваа молкот на премиерот Нарендра Моди по ова прашање.
Во писмото на пратениците се наведува дека изјавите на хинду свештенството не се само говор на омраза, туку отворен повик за убиство на цела една заедница.
„Таквите говори не го загрозуваат само единството и интегритетот на нашата земја, туку и животите на милиони граѓани-муслимани“, се вели во писмото на пратениците.
На настанот организиран од хинду свештенството во градот Харидвар во државата Утараханд во Индија на 17-19 декември, беше упатен повик за „геноцид“ врз муслиманите во земјата.
На 19 декември, во посебна програма одржана во Њу Делхи, беше соопштено дека хинду-лидерите се заколнале дека „ќе умираат и ќе убиваат за да ја направат Индија хинду нација“ со таргетирање на муслиманите.